Царовска: Картичките не можат да се донираат, само да се вратат

Владата се уште нема информации колку приговори досега обработи од незадоволните граѓани кои не можеа да се најдат на листата на добитници на платежни картички. Вицепремиерката Царовска не кажа на што се однесувале најголем дел од поплаките, колку лица биле додадени на листата, а колку биле одбиени. Граѓаните поднесоа околу 50 илјади приговори. Од Генералниот Секретаријат велат дека досега прегледале 30 илјади од нив, но не информираа за конечните решенија. Инаку на социјалните мрежи се појавија голем дел на средношколци и студенти кои сакаат, но не знаат како да ги донираат картичките што им следуваат. Вицепремиерката Царовска објаснува дека не постои начин персонализираните картички да се префрлат на друго име. Можат само да се вратат.

„Во однос на тоа како може да ги донираат парите, може секој да се откаже од нив во самата информација која што ја добивате на својот телефонски уред може да притиснете копче на кое може да ги вратите финансиските средства кон Буџетот. Картичките се персонализирани, единствен начин е да ги вратат назад. Други начини не постојат во моментот. Не знам на каков друг начин мислите на донирање, но тие се персонализирани картички за искористување на одредени или финансиски средства, но секако може да се купат добрата да речеме од маркетите и се донираат каде што сакаат, тоа не е никаков спор“ – објасни Царовска.

Граѓаните бурно реагираа на социјалните мрежи и на барањето на министерката за финансии Нина Ангеловска за донации во борба против Ковид-19. Населението и фирмите алармираат дека кубурат со пари, па државата наместо да им помогне, бара донации од сиромашните. Царовска е задоволна од досегашната солидарност. Во фондот досега се собрани над 3 милиони евра.

„Сметам дека сме едно солидарно општество и покажавме и во оваа криза дека солидарноста е на високо ниво. А секој што донира, значи дека можел да донира и капацитетот на донирање во државата го покажува и бројот на донации и сметам дека со тоа кое што го располагаме како капацитет како држава е сосема доволно. Секој што смета дека сака и може да донира, го направил тоа, сигурна сум“ – вели Царовска.

Поделбата на 324 илјади платежни картички направи хаос и метеж пред банките. Од Македонската банкарска асоцијација апелираат до граѓаните да ги следат информациите кои банките им ги праќаат по смс за филијалата, датумот и часот за подигнување на картичката, наместо да прашуваат на шалтерите.

Тања Попова