VOA за Алфа: Протести во САД – компаниите и филмската индустрија го менуваат начинот на кој ги прикажуваат малцинските заедници

Протестите низ Соединетите Држави поттикнати од смртта на Џорџ Флојд се уште траат. Државата најверојатно ќе одговори со системски полициски реформи, два предлог – закони во моментов се во Конгресот. Но и компаниите, филмската, телевизиската и спортската индустрија го менуваат начинот на кој ги прикажуваат малцинските заедници и гледаат на минатото на нацијата.
„Однесено од виорот“ е добитник на оскар од 1939-та кој го прикажува предвоениот Југ и Конфедерацијата – 11 сојузни држави кои се бореле да го зачуваат ропството во Американската граѓанска војна во 1860-те.
HBO Max го отстрани филмот од својот стриминг сервис цитирајќи „расни предрасуди“.
Ова е само еден пример како компаниите реагираат на протестите кои се проширија низ целата земја.
Реалното шоу „Ергенот“ по 24 сезони најави дека за прв главната улога ќе ја има Афроамериканец. Пепси, корпорацијата во чија сопственост се познатите американски сирупи и џемови „Тетка Џемима“, го пензионира брендот по 131 година.
Критичарите велат дека името и насмевката зад него се базирани на стереотип за Афроамериканка која е среќна да им служи на своите бели господари.
Пепси соопшти дека одлуката е дел од „напорите за напредок кон расната еднаквост“ и најави пет годишна програма вредна 400 милиони долари „за унапредување на афроамериканските заедници“.

„Беше потребно луѓе буквално да умрат за компанијата навистина да го погледне она што беше пред нив“ – изјави Ен Морнинг, Социолог од Универзитетот на Њујорк

Постапката на Пепси веројатно ќе ја следат и други компании – производителот на ориз „Вујко Бен“ најави дека „сега е вистинско време за еволуирање на марката“, но не соопшти детали како ќе го направи тоа.

Слични сигнали има и од фабриката која ги прави сирупите за палачинки „Госпоѓа Батерворт“.
„Мислам дека предолго се однесувавме како да нема проблем, пренесуваме приказни и слики на начини што, претпоставувам, не ја следат агендата на Афроамериканците и другите маргинализирани групи во државата. Мислам дека луѓето излегуваат на улиците, не само Афроамериканците, туку и другите зашто им е веќе смачено“ – вели Дарнел Хант, Декан на одделот за социјални науки на УКЛА.
Овој процес започна уште пред протестите. Фабриката за млечни производи „Земја на езерата“ на почетокот на годинава најави дека ќе го отстрани ликот на домородна Американка од дел од нивните пакувања.
Промени ќе има и во спортот. Наскар го забрани знамето на конфедерацијата на нивните тркачки патеки.
Сепак, за домородните Американци останува проблем името на рагби тимот од Вашингтон, Redskins односно „Црвенокожци“. Тие повеќе од 20 години бараат промена велејќи дека називот е расистички и дискриминирачки. Засега нема најави дека тимот ќе попушти.
И други тимови користат маскоти и симболи кои домородните Американци ги сметаат за спорни.
Уште еден фронт во оваа „битка“ се спомениците. Дузина посветени на личности од Конфедерацијата, како и на Кристофер Колумбо се отстранети или вандализирани.

„Има нешто навистина длабоко во тоа да мора да ја гледате глорификацијата на личности и симболи кои сакале вие, вашите луѓе, луѓето кои изгледаат како вас да бидат објекти и робови“ – вели Стив Филпс, основач на „Демократија во боја“

Во американската Декларација за независност од 1776-та пишува дека сите луѓе се создадени еднакви. Сепак, иако ропството беше укинато во 1865-та, предизвикот со дискриминација и натаму од време на време ја бранува јавноста.

Од Гласот на Америка за Алфа, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста