Д-р. Марков: Короната докажа дека владата на СДСМ го направи здравствениот систем нефункционолен

Короната докажа дека владата на СДСМ го направи здравствениот систем нефункционален, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Д-р Петар Марков на денешната прес конференција посочи дека и покрај бројните примери на индивидуална храброст и жртва на медицинските работници, нашата држава е предмет на национален срам, и внатре, но и во Европа и светот.

 

Во продолжение интегрален текст од целата прес конференција на д-р Марков.

 

Пандемијата со коронавирусот во Република Македонија ја откри нефункционалноста на здравствениот систем и придонесе да се види она кое власта се обидуваше да го задржи незабележано и да го прикаже како успех. 

Оваа криза бараше одговор кој ќе биде брз, рационален и најважно од се – колективен. Вирусот можеше да биде нешто што ќе ги обедини граѓаните на Република Македонија против заедничката закана. Под друго раководство, можеби и ќе не обединеше. Но, преку политички нарачаните мерки, преку нивното селективно аплицирање, преку политички мотивираните постапки на киднапираниот систем се внесе уште поголем сомнеж.

Криењето резултати, чекањето во чекалните со треска и температура, отстранувањето на значајни мерки заради прераниот почеток на изборна кампања од страна на власта не придонесе ништо кон заштитата на јавното здравје. 

Вака граѓаните не можат да им веруваат на здравствените власти и вака не може да очекуваме колективен одговор на ваква животна закана. Не може да му веруваат на дисфункционален систем кој троши речиси два неповратни месеци на намерно слепило, на себепромоција, на фалби и лаги. Систем кој остави простор за теории на заговор и за магични лекови за третман на инфекцијата.

И баш кога чинителите беа предупредени за ова, секој кој ќе покажеше критика или несогласност истите беа означувани како политички мотивирани. 

Без национален план, без прецизни инструкции, човечките животи се претворија во дневен билтен на заболени и починати, се израмнија со статистичка варијабила која требаше да биде и се уште е темпирана според потребите на пропагандата.

Во ваков систем, граѓаните имаат право да се сомневаат, а здравствените власти се тие кои треба уверливо да објаснат што е тоа кое се случува и што е тоа против кое се бориме.

Наместо тоа гледаме мерки кои се однесуваат само на ограничување на слободите на граѓаните, казнена легислатива која е насочена кон нив но замислете и кон медицинскиот персонал. Сега власта ги казнува и лекарите и пациентите.

 

Овој здравствен систем ги остави на цедило матичните лекари, ги остави на цедило стоматолозите, лекарите во приватниот сектор, како да тие се дел од некој друг здравствен систем, а не од македонскиот

Наместо и ним да им обезбеди непречен пристап до заштитна опрема, дозволивме и персоналот, и болниците од јавното здравство да се снабдуваат со донации. Мораше граѓаните да ги извадат шивачките машини, млади ентузијасти да ја внесат својата креативност во нудењето решенија за превенција на ширењето на заразата, да преведуваат протоколи во моменти кога здравствениот систем немаше абер од такво нешто. Во голем процент во јавните здравствени установи се уште не се на сила ниту стриктни протоколи за работа, ниту се поставени тријажни станици.

И покрај бројните примери на индивидуална храброст и жртва на медицинските работници, нашата држава е предмет на национален срам, и внатре, но и во Европа и светот.

Македонија е држава на пропаднат систем и пропадната политичка елита.

Од овие денови на предизвици можеме да научиме дека корупцијата, аматеризмот и нечесноста можат да бидат летални.

Време е да се стави крај на неспособноста на оваа власт предводена од СДСМ

Изборот е јасен – обнова или измами.