Блокот 2 во РЕК Битола, иако од ноќеска е ставен во функција, сепак денеска не произведува струја

        Иако од ноќеска, од 2.45 часот, Блокот 2 во РЕК Битола е синхронизиран со електроенергетскиот систем на Република Македонија, и како што информираа од ЕСМ, производството на електрична енергија непречено продолжува и од Блокот 1, сепак Блокот 2, денеска не произведува струја. На ова, уште утринава први алармираа битолчани, кои се јавија во Алфа за да пријават дека Вториот блок не е вклучен, туку дека се работело само за пробни пуштања кои во моментов се прекинати на неодредено време. Со цел, да дознеме за што вусшност станува збор, прашавме во ЕСМ, од каде со писмен допис се оправдаа дека „во моментов на постројката се изведувал технолошки процес на испитување на заштитата на генераторот“.

   „Станува збор за испитување на нова, софистицирана опрема за заштита на генераторот од германскиот производител „Сименс“, која беше набавена и инсталирана со цел зголемување на доверливоста на капцитетот и заштита на опремата. Испитувањата се очекуваат да завршат  во попладневните часови, по што Блок 2 повторно ќе биде пуштен во електро-енергетската мрежа“, – стои во соопштението од ЕСМ.

    Напоредно со ова, од ЕСМ уверуваат и дека на Депонијата имало доволни количини јаглен за континуирано производство на електрична енергија за потребите на домаќинствата и дека количините се надополнувале и зголемувале во континуитет.

   Наспроти ова пак, колку за потсетување, уште минатата недела, енергетските експерти алармираа дека на Депонијата од Комбинатот има само 40-тина тони јаглен, количина која била доволно само за неколкудневна работа.

   „Значи, на почетокот на грејната сезона, негде средината на октомври, на Депонија имало 600-700 000 тони јаглен, а сега има 40.000. Е сега, за граѓаните овие бројки звучат многу големи, 40.000, но тоа е минимално нешто и срамно е за мене да ја почнете грејната сезона со 40.000“, – изјави за Алфа, поранешниот директор на РЕК, Спиро Мавровски. (7.11.2021)

    Инаку, како што веќе е познато, по пожарот кој на почетокот од месецов изби на трансформаторот од Блокот 3, пришто  и целосно го онеспособи, РЕК Битола работеше само со еден Блок, односно само со Блокот 1, во кој пак, минатата недела исто така се случи хаварија, а додека Блокот 2, кој сега се пушта во пробна работа, тогаш се сервисираше. За повторно оспособување на опожарениот Блок 3 пак, познавачите на состојбите тврдат дека ќе бидат потребни најмалку шест месеци.

    Сето ова се случува во време кога Македонија се наоѓа среде сериозна енергетска криза и кога недостигот од електречни енергија се надополнува со влечење струја од Европската мрежа и која чини многу скапо.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста