Двојни избори во Бугарија-државниот врв со непроменети ставови кон Македонија

Непопустливоста кон Македонија и цврстото бугарско вето остана во фокус и на третите по ред избори во соседството. Кандидатите кои влегоа во трет обид за освојување на државните функции најавуваат дека нема да отстапат од цврстите ставови. Претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој е и кандидат за втор мандат за шеф на државата, останува со непроменет став – членството на Македонија во ЕУ зависи од самата држава, но не и од следната бугарска влада.

– Клучот за почеток на преговорите со ЕУ за РС Македонија е во почитувањето на правата на македонските Бугари, во искоренувањето на јазикот на омразата и во прекинот на обидите за систематско уништување на бугарското културно историско наследство. Почетокот на преговорите нема да зависи од следната нова влада и нов парламент, туку од РС Македонија, која ќе мора да преземе соодветни мерки. Убеден сум дека само со отворен дијалог меѓу Софија и Скопје ќе ги изградиме искрените пријателски односи што ги очекуваат луѓето од двете страни на границата – рече Радев.

Со ништо поразличен став не е и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, вели дека нема да има преговори со Македонија додека бугарското малцинство не биде внесено во македонскиот устав.  Лидерот на ГЕРБ пред два дена изјави дека ЕУ ќе ја понижи Бугарија со цел Македонија да добие зелено светло за почеток на преговори и тоа е поради неуспешната надворешна политика на Румен Радев. Борисов го цитирал францускиот претседател Емануел Макрон, кој рекол дека до декември Македонија треба да започне преговори, што според него значи дека ЕУ ќе ја принуди Бугарија да направи отстапки.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста