Антикорупциска не гледа судир на интереси во поставувањето на Митко Сандев за поротник

Нема судир на интереси во поставувањето на Митко Сандев за судија поротник – пресече антикорупциска. Откако опозициската ВМРО ДПМНЕ јавно ја прозва комисијата да го испита случајот со Сандев кој е судија поротник во случајот „Талир“, сомневајќи се дека не смее да биде на функција оти имал навршени 60 години, ДКСК не најде ништо спорно – не сметало ни тоа што бил член на политичка партија која е во коалиција со владеjачката.

Во овој случај ДКСК не утврдил прекршување на одредбите за судир на интереси согласно законот за спречување на корупција и судир на интереси. ДКСК констaтира дека во законот за судовите и етичкиот кодекс на судиите и судиите поротници не постојат јасни и прецизни критериуми за избори и ограничување на судиите поротници. ДКСК укажува дека судијата поротник Митко Сандев во извршување на своите должности потребно е да постапи согласно начелото на интегритет и во вршење на своите обврски е должен да внимава на евентуален судир на интереси и не смее да се раководи од лични, семејни, верски, партиски и други интереси – изјави Катица Николовска, член на ДКСК.

Освен тоа што поротникот Сандев бил член на партијата на пензионери и се поставија сомнежи за евентуален судир на интереси, лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Мицкоски предупредува – поротникот треба да оди во пензија и никој не бил виновен што во меѓувреме исполнил услови за во пензија и тоа влијае, четири случаи кои ги води, да се враќаат на самиот почеток.  

„Тука треба одговорност да има и обвинителот и судијата и поротниците зошто не биле ажурни. Случајот „Талир“ каде што учествува овој судија поротник е започнат 18 месеци по истекот на законскиот рок од СЈО. На насилен пат се води случајот. Зошто? За да може имотот на ВМРО-ДПМНЕ да биде замрзнат, сметката да биде во одреден период од партијата исто така блокирана, државата обврските кон ВМРО-ДПМНЕ оваа Влада да не си ги исполнува, предводена од СДСМ и Зоран Заев. Зошто? За да може Зоран Заев да има предност на избори, за тоа што нема како– соопшти Христијан Мицкоски.

Во меѓувреме влијателни адвокати кои ги консултираше Алфа велат дека иако во Законот не е наведена забрана судија-поротник да биде партиски функционер, здравата логика и моралниот кодекс би требало да бидат сигурен патоказ дека тоа не е исправно кога судија-поротник член на владејачка коалиција треба да одлучува за предмет кој се води против опозициските структури.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста