VOA за Алфа: Џо Бајден го потпиша указот за економскиот пакет вреден 1.9 трилиони долари

Претседателот Џо Бајден го потпиша указот за економскиот пакет вреден 1.9 трилиони долари откако тој беше изгласан во Конгресот. Ова претставува најголема помош за економијата и за граѓаните во речиси 100 години.

Додека вакцините се дистрибуираат низ целата земја, а стапката на имунизација надмина 10 проценти, Конгресот го усвои пакетот рекордна помош за американското стопанство.

Ќе и помогне на нашата земја да ја сузбие пандемија со Ковид. Ќе стави повеќе вакцини во рацете, ќе врати повеќе деца безбедно на училиште, ќе стави повеќе пари во џебовите на луѓето и ќе врати повеќе луѓе на работа – изјави Џим Мек Коверн, член на Претставничкиот дом.

Пакетот кој треба да ја поттикне американската економија е вреден 1.9 трилиони долари, најголема помош во речиси сто години.

Републиканците беа против, сметаат дека покрива сегменти кои не беа погодени од пандемијата.

Не е претерување да се каже дека мнозинството ја користи оваа криза за да ја изгласа нивната листа со желби за прогресивни политики – изјави Том Кол, член на Претставничкиот дом.

Дел од аналитичарите, пак, сметаат дека големината на пакетот ќе има значајно влијание не само на американската туку и на светската економија.

Овој пакет од 1.9 трилиони долари ќе ја поттикне глобалната економија за 1%. Тоа е исклучително тврдење. Ако може да се избавиме од пандемијата, ќе може да ја отвориме економијата, ќе имаме многу висока стапка на раст – изјави Стивен Морисон, Центар за стратешки и меѓународни студии.

Пакетот предвидува и 11 милијарди долари за странска помош со која треба да се стабилизираат програмите за справување со Ковид во земјите во развој и да се поддржи механизмот за вакцинација Ковакс.

Здравствените експерти сметаат дека не е доволно да се вакцинираат само Американците.

Вирусите не ги почитуваат границите. Ако продолжи спората глобална дистрибуција на вакцини, можно е да се појават нови соеви кои ќе бидат закана за ефикасноста на вакцините и да ги направат бескорисни – изјави д-р Ашиш Џа, Универзитет Браун.

Токму странската помош која ја содржи пакетот беше една од главните причини за препирање во Конгресот меѓу Демократите и Републиканците.

Тоа е признание дека борбата со Ковид само во границите на САД и излегувањето од пандемијата, отворањето на општеството и на економијата може да биде успешно само доколку се направи низ целиот свет, не може да мислиме дека сме изолирани острови – изјави Стивен Морисон, Центар за стратешки и меѓународни студии.

Овој пакет помош ужива голема поддршка кај американските граѓани, покажуваат истражувањата на јавното мислење.

Со стапувањето во сила на новиот закон, веќе од понеделник голем дел од Американците ќе добијат по 1.400 долари директна помош.

Ова е петти економски пакет од почетокот на пандемијата. Најголемиот дел од Американците лани добија по 1.800 долари директна и неповратна помош од државата. За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста