Македонски неуспех со вакцините: Груби разочаран од ЕУ, Пендаровски вели Фајзер не сакале да преговараат со Македонија

Вториот човек на Владата разочаран што Македонија се надевала на помош од Европската унија за добивањето на вакцини. Првиот вицепремиер Артан Груби, жали што не направиле многу повеќе самостојно, бидејќи прво ја чекале ЕУ да ни даде вакцини, што досега не се случи. Македонија засега има добиено само 11 илјади вакцини, недоволни да се вакцинираат ниту здравствените работници.

-Сметам дека можевме да направиме многу повеќе, но сите заеднички се надевавме, во духот на солидарноста на Европската унија. И во тој дух во кој што ние верувавме, дека таму сме еднакви, правични со другите членки на ЕУ, сепак не испадна така. Така да треба да се обидеме со наши напори и затоа тоа го правиме, изјави Груби.

Иако вели дека Владата на еден начин се насанкала, сепак смета дека никаде не згрешиле. Жали поради тоа што Европската унија била несолидарна, а промовираше нов поим вакционационализам.

-Владата воопшто не згрешила во своите напори и во желбата да се обезбедат вакцини. Верувајте на секоја седница на Владата, пред точка е обезбедувањето на вакцините но како што гледаме има еден вакционационализам, ако може така да го наречам и големо отсуство на солидарност кон големите држави, изјави Груби.

Дека Македонија има проблеми со набавката на вакцини вели и шефот на државата Стево Пендаровски. Вели дека пред нова година имал состанок со висок менаџер на Фајзер, каде било кажано дека Македонија во тој момент не била држава со која компанијата ќе преговара.

-Разговорот брзо заврши, бидејќи рекоа во овој момент имаме неверојатна навалица на држави, огромни со стотици, со милијарди луѓе потенцијални купувачи и консументи. Така што во овој момент вели деловната политика на фирмата, во тој момент, пред нова година, на тоа ниво што разговаравме, а беше прилично високо менаџерско ниво, не е да разговараат со држави под два милиони жители, изјави Пендаровски.

Она што е малку чудно, разговорот на Пендаровски каде Фајзер не е заинтересиран да преговара со Македонија, е пред новата година, а Владата пак на четврти јануари соопшти дека е постигнат договор со Фајзер. Премиерот дури и се пофали дека од нив ќе сме добиеле 800 илјади вакцини, од кои засега нема ништо. За ваквата ситуација на социјалните мрежи реагираше и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

-Кој повеќе лаже? Премиерот или Претседателот? Факт е дека Македонија, освен неколкуте илјади донирани, уште не виде ниту една вакцина од било кој произведувач. Оставка на најнеспособната Влада!, пишува на Фејсбук Мицкоски.

Премиерот Заев најави дека Македонија договорила вкупно 2 милиони и 300 илјади вакцини, од кои засега имаме само 11 илјади, а кога ќе имаме доволен број дози за масовна вакцинација денеска не знаеше Артан Груби, само изрази надеж дека такво нешто ќе се случело летово.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста