Состојбата во прилепската болница се подраматична, над 80% од пациентите се на кислородна поддршка, персоналот преморен

Прилеп продолжува да го држи неславното прво место според црната Ковид-статистика. Во моментов хоспитализирани се 81 пациент, од кои дури 61 се на кислородна поддршка што дополнително ја отежнува работата на и онака преоптоварениот, преморен и малуброен персонал. Активирани се сите Ковид-оддели, а слободни кревети има за уште 31 пациент, додека во дневната болница терапија примаат 93 пациенти, но нивниот број е во постојан пораст. Заради драматичноста на состојбата, во моментов интензивно се работи и на доопремувањето на Модуларната болница, но за каде неизвесно останува кој ќе работи.
„Денеска ќе пуштиме струја во Модуларното одделение, да видам пристапот како ќе го завршат деновиве, дали до понеделник ќе завршиме за да можеме таму да активираме. Ама, немам довод на кислород таму….треба да се направи проценка дали е добро да работиме со боци таму или со инвестиција што би ја правеле за довод на кислород“, – вели новата директорка на прилепската Болница, Кети Смилеска.
Напоредно со секојдневниот се’ поголем наплив на пациенти, се врши и имунизацијата на прилепските здравствени работници меѓу кои, исто така има и позитивни, а за жал, и понатаму останува i мистеријата зошто бројот и на смртните случаи во Прилеп е загрижувачки висок.
„Јас ги прашувам, ми велат дека, во Битола еве, за споредба, блиску ни е, не ги пријавуваат, викаат, се кријат и одат во приватните амбуланти да се тестираат…и се лекуваат сами дома и смртноста и таму е голема, ама од непозната причина, и кога ќе дојде да се сведиме на крајот од годината, тие ќе имаат голема бројка од непозната причина смртност, а нас таа бројка мала ќе ни биде….А можеби и ова во Кавадарци, „Дрекслер Мајер“…многу наши одат таму да работат…можеби и тоа да е…“- објаснува Смилеска.
Инаку, и покрај ваквата алармантна состојба, општинскиот Кризен штаб подолго време не се состанал. Неофицијално, причината била што и градоначалникот Илија Јованоски беше позитивен, а чие лекување и изолација завршиле деновиве, па според наши извори, ова општинско тело најверојатно ќе заседавало в понеделник, по што би требало да се знае дали и кои дополнителни мерки ќе се преземаат во борбата со Ковод-пандемијата која досега во градот под Марковите Кули одзеде вкупно околу 280 животи.
Каролина Дурло