Уставните измени главна преокупација за власта: Ковачевски ќе седне на маса со Мицкоски само за Бугари во Устав, не за избори

Уставните измени главна преокупација за власта: Ковачевски ќе седне на маса со Мицкоски само за Бугари во Устав, не за избори

Уставните измени остануваат главна преокупација на власта и покрај пораките од Гранада, дека брзо проширување на ЕУ во моментов наликува на невозможна мисија. Премиерот Димитар Ковачевски би седнал на маса со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, но само ако се разговарало за уставните измени. Доколку ВМРО-ДПМНЕ прифателе да гласаат за, тогаш било возможно и изборите да бидат распишани веднаш. Обратното сценарио значи дека Владата е подготвена да троши двојно повеќе пари за два изборни циклуси во само два месеци, порача Ковачевски.

-Се знаат роковите на 12-ти мај треба да имаме нов претседател, на 15-ти јули бидејќи до тогаш е мандатот на пратениците треба да имаме парламентарни избори. Во понеделник да ги изгласаме уставните измени, истиот ден ќе го распуштиме Собранието и ќе одиме на избори. Или доколку сакаат тогаш може да ги отвориме уставните измени да влезат во Владата на паритетна основа, односно 50 проценти од министерствата, изјави Ковачевски.

Крајно неодговорно е власта да не сака да седне на лидерска средба со опозицијата на неколку месеци пред претседателските и парламентарни избори, смета Мицкоски. Според него мора да се разговара за датуми за избори, бидејќи може да се дојде до уставна криза, односно процесите на крајот да бидат целосно неуставни.

Мора да го подготвиме амбиентот за да имаме навистина еден фер изборен процес, не само на претседателски, туку и на парламентарните избори. Јас очекувам разум, очекувам одговорност барем еднаш. Јас стојам на располагање и ние како ВМРО-ДПМНЕ и коалиција стоиме на располагање за една таква средба, еве ако веќе ги споменуваат институциите, мислам дека една од тие институции кои што директно е инволвирана во тој процес е законодавниот дом, еве нека биде и Талат Џафери домаќин, изјави Мицкоски.

Инаку она што е дополнителен проблем за Македонија е самитот во Гранада, кој вчера заврши без било каква одлука, без постигнат значителен напредок на главните теми, меѓу кои и онаа најинтересната за нас, проширувањето на ЕУ, за кои дел од земјите членки во прв ред Холандија се против брзо проширување на ЕУ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )