Собранието го одби предлогот за амнестија на Уставобранителите од „27 април“

„Ако моите или вашите деца биле оставени само една ноќ без родителски бакнеж, има деца кои над 2200 ноќи заспале без своите татковци. Родителите, сестрите, браќата, сопружниците се прашуваат како им поминува на Уставобранителите секој ден и секоја ноќ зад решетки, издржаа шест години – дали ќе издржат уште?“ Вака пратеничката Дафина Стојаноска се обиде да допре до владејачкото мнозинство да гласа за потребата, во забрзана собраниска процедура да влезе Законот за амнестија на осудениците од 27 април. Билансот од денешното гласање покажа дека обидите на опозицијата за амнестија, не вродија со плод.

За мене и мојата пратеничка група тие се уставобранители… Не знаеја тие дека некој стои зад ова и кој контролирал многу повеќе, многу порано и многу подоцна. Не знаеја ама не им дозволија ни македонските судови тоа да го докажат. Ги вметна Заев во еден политички монтиран случај кој заврши како на брза лента и заврши со нивна затворска казна од преку два века. Судските постапки што следуваа беа компромитирани, пред сѐ, од политичарите… Произлегоа најразлични правни односно политички квалификации кои целосно ги контаминираа судските процеси… прогласувајќи ги осудените за државни непријатели и терористи при што не се виде ниту еден доказ за објективно докажани намери за непријателска дејност против државата – рече Стојаноска.

Опозицијата смета дека осудата на лицата за настаните од 27 април е најголема неправда во поновата историја на Македонија. Ги повикуваа колегите пратеници да покажат простување и помирување, за да се излезе од длабоките ровови на омраза, реваншизам и мизантропија, да не гледаат од која страна доаѓа предлогот, но залудно.

Законот го подготвија адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски кои беа дел од одбраната на сега веќе осудените за Терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие беа спречени да присуствуваат во собраниската сала и во живо да го следат гласањето, иако како што информираа, уредно испратиле барање до собраниските служби.

Судскиот процес за настаните од 27 април 2017 година се изучува на странски универзитети како негативен пример. Меѓу експертската фела во Македонија и регионот предизвика разочараност и горчина, а многу од познавачите за пресудите велат дека се симбол на неправда, незаконие и политички прогон.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста