Ковачевски и Мицкоски од понеделник на средба за уставните измени

Ковачевски понуди, Мицкоски прифати – лидерите на најголемите политички партии во Македонија следната недела ќе седнат на иста маса но ако се исполни условот на ВМРО-ДПМНЕ, да разговараат за националните интереси. Главни теми на средбата, која ја бара Ковачевски ќе бидат вметнувањето на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав и односите на земјава со соседите.  

Откако работните групи за уставни измени го подготвија новиот предлог за преамбулата, опозицијата го повика Димитар Ковачевски да си испечати оставка, и заедно со иницијативата за уставните амандмани да ја поднесе во Собранието,  ако храброста не ја загубил некаде по пат, или не му ја заклучиле некаде во фиока. Ковачевски возврати дека сите лаги на партијата, паднале во вода.

Сабајле го гледам вика – Ковачевски пак да си даде оставка. Единствен којшто кажал дека ќе си даде оставка во оваа држава е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ којшто кажа дека ако еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ  гласа дека ќе си даде оставка, па потоа кажа да му дадат нотарски заверки дека нема да гласаат. Потоа кажа дека ќе гласа ако било храватскиот модел за да после тоа каже дека нема да гласа по ниедна цена. Така што, тој прво мора да си ги среди своите ставови, затоа јас во следните десет дена ќе го поканам на средба потенцира Ковачевски. 

ВМРО-ДПМНЕ прифаќа лидерска средба ако станува збор за националните и државни интереси на Македонија. Од партијата информираа дека Христијан Мицкоски бил подготвен за овие прашања да разговара во било кое време.

Доколку постои желба за национално единство и слушање на гласот на мнозинството, прифаќаме лидерска средба на која треба меѓудругото да се види што ќе се прави во периодот по неуспехот на тие уставните измени и иднината на граѓаните која треба да се обезбеди – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку вчера, работните групи на состанокот кој траеше речиси 8 часа предложија во Уставот после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ и египќански народ.

Опозицијата претходно алармираше дека наводно, на состаноците за уставните измени, се разговарало за нова верзија на Уставот, во која Македонија ќе биде бинационална држава. Ова владата го демантираше, иако токму претседателката на работната група вчера сама призна, дека на состанокот станало збор и за други предлози од учесниците, кои, не потенцираше.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста