Власта се пофали дека се проширува листата на производи со „гарантирана цена“, опозицијата смета дека тоа е погрешна економска политика

Власта се пофали дека се проширува листата на производи со „гарантирана цена“, опозицијата смета дека тоа е погрешна економска политика

Безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото од сега ќе се продаваат поевтино за 10%. Покрај ова, согласно владината одлука, се намалува и профитната маржа за овошјето и зеленчукот. Со овие мерки, надлежните очекуваат и стабилизирање на инфлацијата до крајот на годината. Паралелно, поради замрзнување на цените, дел од големите маркети ги оставија граѓаните без јајца, овошје и зеленчук. Рафтовите осамнаа празни, а граѓаните лути на власта оти минималното намалување на цените ќе им излезело низ нос.

Дека власта води комплетно погрешна економска политика и прави насилен упад на пазарот, алармираше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Вели дека најголем проблем е што не можеме да видиме никаков раст на бруто домашниот производ, а продуктивноста е на ниско ниво.

  • И сега што прават? Болшевички одлучуваат да интервенираат на пазарот, односно колку што можев да бидам информиран од страна на овие официјални гласила, е дека, практично, одлуката е за намалување на сите цени линеарно 10%. Можеби треба 20, можеби и 30, можеби и 50 проценти, можеби треба да ја анектираат целата економија, но тоа не го решава проблемот. Јас ги разбирам дека тие се навикнати на едноумие, на болшевизам и така натаму, но тоа нема никаква врска со пазарната економија. Уништувајќи еден сегмент, на сметка да добијат, можеби краткорочно на ден два политички поени, притоа изгубија премногу. Зошто? Повторно ќе кажам, нема зголемен БДП, нема зголемена продуктивност, нема зголемена економска активност и сега што прават, прават насилен упад на пазарот. Еве јас ви кажувам, ниту ова ниту пак било која идна мерка од оваа влада полна со незнајковци, ќе биде добредојден и ќе донесе било каков ефект“, рече Мицкоски.

Додаде дека потребен е комплетно нов ресет, нова влада со здрава економска политика, со визија која што знае како да ја развива Македонија за да имаме резултати, затоа што со овие луѓе медиокритети и незнајковци ова ќе е политиката.

И додека опозицијата алармира дека состојбата не чини, од власта се пофалија дека се проширува листата на производи со „гарантирана цена“. Па така, по намалени цени од 10% ќе се продаваат и пијалоците, а се намалува и маржата за овошјето и зеленчукот, ама грѓаните тоа никако да го почувствуваат.

Министерот Бектеши пред присутните појасни дека е регистриран голем извоз на одредени земјоделски производи.

  • Немаме намера да субвенционираме производи за други држави. Гледајќи ги податоците, се забележува дека најголемо зголемување на цените има во делот на овошјето и зеленчукот. Затоа би им порачал на трговците да не го оставаат македонскиот пазар како резерва во снабдувањето со овошје и зеленчук. Не сакаме да се доведеме во ситуација тој јаз ние да го надополнуваме со увоз. Затоа апелирам да се пласира на домашниот пазар, а доколку се прави спротивното, како министерство ќе предложиме укинување на увозните давачки на одредени производи“, изјави министерот за економија Бектеши.

Во меѓувреме, инспекцијата на терен проверува дали маркетите ги намалиле цените на основните прехранбени производи. Добар дел од нив „Не“, и затоа казните биле големи со цел секој да ја почитува мерката ако не сака да добие клуч на врата.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски се прошетаа и ја посетија компанијата „Горска ДООЕЛ“.

Продавниците кои не ги намалија артиклите ќе бидат затворени 5 дена. Инспекторите најавија контроли и во маалките дуќани, а ќе се казнуваат и дистрибутерите кои намерно не вршат достава на овошје и зеленчук. Мерката за намалени цени ќе важи до 30 ноември.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста