Жижек или Питерсон-Прв дел

Жижек или Питерсон-Прв дел

Кога општеството и нацијата ќе се соочат со криза на идентитетот во потрага по решение се пребаруваат корените, се испитува колективната меморија. Се ангажираат најдобрите кои можат да ја објаснат ситуацијата, да зборуваат отворено и охрабрувачки за проблемите со кои се соочува човештвото. Младите, особено преку можноста на интернет комуникација ги следат познатите светски левичари и конзервативци, често допирајќи до нивните печатени изданија и јавни настапи, со што се вклучени во светските текови на конзервативизмот и левичарството кои во 21 век западнаа во очај и криза.

Неговото височество конзервативецот.


Штом веќе е јасно дека левицата и десницата во светот имаат сериозен проблем во идеолошката база, сосема нормално е да се вратиме на почетоците на системот поставен со Француската револуција и нејзините прокламирани слобода, братство и еднаквост. Старите конзервативни кругови се сомневаат дека тоа е годината во која триумфира буржоазијата над аристократските манири, стариот дух, благородништво и витештво и омаловажување на религијата. Тој конфликт преку закониците кои инаку се усвојуват како слободарски се пренесува и денес во политиката и правото.
Кралот бил ликвидиран, а во Конвентот на левата страна седнале Јакобинците, додека на десната страна Жирондинците. Потоа, Јакобинците ги обвиниле жирондите за тајни планови со монархијата и започнале новите ликвидации. Настапува јакобинската диктатура кога на десна и на лева страна во Конвентот ќе седат Јакобинците. Односно револуционерите. Конзервативците се забранети. Оние кругови што не се револуционерни, се прогласени за контрареволуционерни и прогонувани. Тоа и денес се огледа во либерално-демократскиот систем кој од десницата бара и налага да се дистанцира од крајност и се самопрогласува за умерено десна и граѓанско централистичка.
Во Англија се појавува весникот Антијакобин. Во Русија конзервативците се згрозени од приказната дека во олтарите на Европа наместо верските реликвии се внесуват куртизани па, се покренува контрареволуција. На крај, после падот на Наполеон, во времето на бурбонската династија ќе бидат величани оние коишто соработувале со Австрија и Англија иако тие се историски непријатели со Франција, додека сите борци за самостојна нација ќе бидат запоставени. Генералите на револуцијата дури и ликвидирани. Многу асоцира на современиот судир на суверенизам против новиот империјализам за кој сведочат многу современи судбини и автори.
Дури и во денешните документи политичките десни и конзервативни опции, освен некои бледи етнички, национални или верски срамежливи ставови, некакви фолклорни симболи, ора, песни, тетоважи со револуционерни симболи за на сцена, немаат автентично конзервативно. Немаат што да конзервират освен човекови вредности и традиција. Незадоволството од кризата и стандардот го дополнува нивниот наратив со борба против мигранти и заговори. Се борат да не бидат дел од општиот уривачки бран на либералната демократија, на неолиберализмот и на корпоративната глобализација.

Нова кохезија
Светските десничари и конзервартивци станаа свесни дека секоја криза на идентитет се надминува кога конфликтот на улогите ќе се надмине и ќе дојде до јасна поделба на улогите со нова кохезија. Па затоа сведоци сме на сериозни поделби во тој кампус. На пример во САД наследниците на ториевците, значи аристократите, денешните Демократи се најголеми проносители на левите идеи за прогрес. Парадоксално, во кампусот на Републиканците доаѓа до преумување и делба на табори околу тоа кои вредности може да бидат флексибилни. Се појавија и многу светски познати подкасти преку кои се создава новиот светски модел на конзервативец. Еден од нај почитуваните во таа сфера е Џордан Питерсон.
Старите конзервативци, владеачките монархски куќи се справуват со нова реалност. Напуштање на прозападниот курс од страна на одредени монархии кои беа инсталирани под нивна рака. Монархиските куќи на арапскиот полуостров го пречекуваат Рускиот Претседател Путин како шеик. Поради тоа се појавуват сосема нови проекти за поддршка и враќање на старите конзервативни кругови. Земјите од Источна азија со крвави протести се борат за реставрирање на уникатите династии. Во ноември оваа година бевме сведоци на сериозни демострации на ројалистите во Непал. Ерусалимскиот Патријарх објави посебно соопштение со кое ја извести светската јавност дека извршил осветување на масло со кое го помазува Чарлс III при крунисувањето. Инаку, според уредувањето Чарлс III e поглавар на англиканската црква.

Локалните конзервативци
Кај нас кризата на десните е проблем кој трае предолго. Oние кои го започнале националното осамосознавања и борба за слобода се нападнати најпрвин од султаните, а откако ќе настане ослободувањето ќе бидат ставени на удар на европските империјални идеи.
Улогата на либералите, учителите, еснафите, домаќините во селата кои се бореле за самостојно опстанување кои придонеле да се зачува нашата автентична култура тешко доаѓа до израз во однос на револуционерите. Најголемиот дел од плоштадите секаде ги красат споменици на револуционери. Неправедно, нашата буржоазија и домашна аристократија кои ги направија првите чекори во новиот век и првите чекори кон национално самосознавање беа прогонувани најпрвин од страна на балканските кралства. А потоа страдат од настапот на Црвената армија на Балканот.
Ова може најдобро да се види на примерот во Романија. Најпрвин таму се појавува стремежот за обединување на Романија и Молдавија преку референдум. Тогашниот османски кнез е обвинет дека го фалсификува референдумот. Измамата е разоткриена, па народот се обединува под домашната романска династија на Александру Куза. Сериозен противкандидат е фамилијата Стурдза. И токму тогаш се случува невообичаено монструозно обединување на романските либерали и конзервативци, соборување на домашниот благородник и интронирање на германската династија Хоенцолерн. Може некој ќе рече дека станува збор за далечен пример но, само ако не знае дека во тоа време сите ја споделуваме истата социјална судбина на една империја. Особено ако се земе како пример еден список на триесет луѓе од Букурешт „Добротолубива дружина“ кои собирале помош за опожарен град во Македонија во 1878 година.
Откако на балканот настапуват германските династии под нив останува лојална домашната буржоазија и селанството. Еснафите кои имаат сталешка традиција се воодушевени од можноста да заживеат во приказните за кралства од средниот век. Сепак, ново племство во проекција на германските круни не се развива иако тие тука себе се нарекуват национални. Дотолку полошо, тие влијаат на поимотните капиталисти и фармери да ја имитират високата благородна класа на Германија. Појава, критикувана од тогашните интелектуалци како Вебер кои предупредуват дека слабата развиеност на капитализам во источна Европа ќе остави многу простор на Советските ленинисти.
И навистина, наскоро советските сталинисти ќе дојдат на Балканот по своето. Во 1945 година со закон се обвинети за предавници, судени и уништени многу замошни луѓе на Балканот. Осудувани се како соработници на фашистичката власт. Во Македонија, како бугарофили. Нивната националност воопшто не е земена во предвид ниту подоцна. Оние од нив кои добиват амнестија мора да се пријават како ,,комунисти од раѓање’’ да ги палат домашните фотографии и документи, да ги променуват своите презимиња.
Тие станаа жртва на новата буржоазија – црвената буржоазија. Таа има претенција да се прикаже во улога на домашна буржоазија да ја преземе улогата која ја имале поколенијата на вистинската буржоазија. Неодамна прочитавме такви ставови во колумни дека црвената буржоазија всушност од секогаш ја признавала ,,туѓата национална припадност на домашната буржоазија’’. Значи ниту во 21 век домашната буржоазија не може да ги дефинира своите историски корени и национална улога.
Единствена опција на домашните конзервативци останува во своите редови да ги интегрираат реално потомците на буржоазијата, независно од кој етнос и нација да потекнуваат, да ги признаат постигнувањата на еснафите за развојот на стопанството, да почитуваат дел од аристократијата , да ги лоцираат и потсетат локалните потомци на некогашните хаџии, луѓето подготвени да бидат доброволни претставници на доброто, естетското и важното.
Како што отстапува пред мултиполарниот свет на Кина, Русија и Иран, стариот запад ќе мора да се откаже од нашите неолиберални олигарси. Наскоро да бидат одвеани од виорот. Нивната наводна борба за отвореност на општеството е разобличена. Тие не се способни да произведат вредности, Тие едноставно неправедно се збогатиле и се` уште се идеолошки противници на либерализмот. Нивната употребна вредност е помината заедно со идеолошката база од која започнале. Можно е да се претворат во контрапродукт и да се интегрираат во новите идеолошко геополитички системи со нови и различни предзнаци.
Либералите и конзервативците мора да разберат дека своите интереси нема да ги реализират преку масовни системи и идеологии туку со единствено залагање за сопственото, а со тоа и за општо добро.

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста