Захариева: Да се слави Тито е исто како во Берлин да се слави Хитлер

Македонија лаже и слави мрачни диктатори, ова се последните ставови на бугарската министерка за надворешни работи Захариева.

Во интервју за германскиот весник Велт, шефицата на бугарската дипломатија вели дека не го негирале македонскиот јазик и идентитет, туку процесот бил обратен ние сме ги негирале правата на Бугарите. Во интервјуто не не ословува со „Македонци“.

Во изминатите десет години 88.450 северномакедонци добија бугарско државјанство врз основа на нивното потекло. Тие се бугарски и европски државјани. Тие имаат право на самоопределување. Но секој, кој денес во Република Северна Македонија се дефинира како граѓанин со бугарски корени, таму и понатаму се дискриминира, вели Захариева за Велт.

Според Захариева нашата држава ја политиизира работата на историската комисија, го блокира развојот на коридорот 8 и бугарските инвестиции и како што вели Захариева, го слави мрачниот диктатор Тито.

За помалку од десет години тој убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. А тие таму го слават него. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. Ама тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер“, вели Захариева за германски Велт.

Околу тоа дали има надеж да се најде компромис до крајот на годинава, кога завршува германското претседавање со ЕУ, Захариева вели „Квалитетот е поважен од брзината на процесот“ и бара да престане „омразата“.

Европратеникот Ковачев пак вели дека мора Македонија да го почитува договорот за добрососедство и да ја исполни содржината за заедничка историја.

Северна Македонија мора да го исполни договорот со содржина за нашата заедничка историја и оваа комисија, која мора да донесе важни одлуки за историски толкувања засновани врз документите од соодветната ера, мора да биде вклучена во наставните програми во Република Северна Македонија, вели бугарскиот европратеник Ковачев.

Ковачев вели урната била довербата меѓу Македонија и Бугарија и мора одново да се гради.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста