Заев ги измами гласачите, неколкупати повтори дека е време, ДУИ да замине во опозиција?

Продолжува ли играта на раскарани политичари во јавноста на Заев и Ахмети, а зад затворени врати се крои коалиција за функционерска  фотеља?

Има ли шанси политичкиот брак на СДСМ и ДУИ пост изборно да воскресне, иако вчера лидерите на партиите повторно се упатија пораки слични на оние во изборната кампања.

Заев не одговори конкретно дали останува на ставот кој го билдаше пред гласачите, дека ДУИ мора да замине во опозиција. Сега ретерира – бил разумен политичар и сите карти биле на маса, ама му посочи на Ахмети дека со 15 пратеника премиер не се следувало.

„Да оставиме времето да покаже со кого ќе можеме да направиме коалиција, односно парламентарно мнозинство што ќе ја сочини Владата. Граѓаните преку гласањето ги даваат правците и очекувањата, коалицијата предводена од СДСМ може да формира Влада и со ДУИ и со Алијанса и со Алтернатива, зависи од отстранувањето на национализмот, зависи од цело едно поглавје за разработка на прочистување на правосудството, проверка на имотот, капиталот на секој политичар и функционер којшто ќе биде избран, кадровскиот потенцијал пред се за правните аспекти но и за економските аспекти на државата, истакна Зоран Заев – претседател на СДСМ

На ова Ахмети не остана покус, експресно му одговори.

„Ниту со 46 пратеници не се станува премиер. Во оваа ситуација, на сите инволвирани страни им е потребна смиреност, мудрост и да размислуваат за највисоките интереси на државата. Можам да кажам дека ДУИ е фактор на стабилност во земјата.

Ахмети не дава конкретен одговор за каква било коалиција, вели само дека разгледувале, анализирале. Иако во јавноста чести се нивните препукувања, се погласно се шпекулира дека двајцата лидери бараат начин да ги закопаат секирите и да ја делат власта. Но што со оние гласачи кои го заокружија бројот на коалицијата Можеме, токму заради верувањата на Заев, дека е редно време ДУИ да оди во опозиција?

„И ДУИ сами знаат дека е добро да заминат во опозиција. Да се демократизираат. Да изградат економски став, програма. Јас тоа го кажувам како мое мислење, велеше Заев во изборната кампања.

Ахмети пак му возвраќаше дека Заев така зборувал на митинзи после 2-3 испиени ракии,  а на само користел друга реторика.

Изборниот лов по пратеници и официјално почна вчера, засега договорена е само соработката меѓу СДСМ и ДПА за потенцијална влада. До 14 август Пендаровски мора да го додели мандатот на една од политичките партии.

„Во однос на прашањето кога претседателот би имал средби со партиите, ќе го почекаме исходот од разговорите кои се во тек меѓу партиите кои имаат освоено пратеници во Собранието. Која било партија или коалиција од партии што ќе обезбеди мнозинство во Собранието може да побара разговор кај претседателот за да го информира за резултатот од политичките преговори“, порачаа денес од кабинетот на Пендаровски.

Се очекува владата да биде составена на почетокот на идниот месец.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста