„Заев е виновен“- Мицкоски бара истрага за екс премиерот, реформи и ревизија на врховните судии

Заев е виновен, порачаа илјадници граѓани кои маршираа од Јавното Обвинителство до Врховниот суд. Со пароли „ниту правда, ниту мир“, „заробена правда, заробена држава“, „стоп за Заев и мафијата“, „одговорност доаѓа“ и многу други пораки, граѓаните маршираа против лошите политики на Владата. Тие побараа промена на актуелната власт за да дојде правдата во Македонија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред граѓаните порача дека правдата била нападната од неправдата, а судската и обвинителската власт била брутално згазена од страна на Заев и Владата на СДСМ. Мицкоски порача дека поранешниот премиер мора да одговара за злоупотреба на службената положба, а за таа цел испрати три барања за реформирање на правосудството.

-Прво, покренување на истрага за злоупотреба на службената должност од страна на Зоран Заев кој се меша во обвинителски и судски постапки, и одлуки на Врховниот суд. И тоа истрага од тим на обвинители кои нема да ги одбере Рускоска, поточно Зоран Заев, туку обвинители во кои ќе има доверба експертската јавност како гаранција за непристрасност и независност. Мора да има обвинение по кое Зоран Заев ќе одговара за злоупотреба на службена должност и попречување на правдата и понижување на државата. Второ, согласно Уставот, Врховниот суд  на Република Македонија е највисок суд во државата и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите. Кога врвот во судството не ви чини, тогаш надоле е труло. Кога во врвот слушаме дека се диктирале одлуки од премиерот значи дека правдата целосно затаила. Затоа бараме итна и неодложна ревизија на работата на Врховните судии без исклучок и ревизија на нивните одлуки. Таму каде ќе бидат утврдени неправилности потребно е оставки и одговорност пред законите. Оставки! Трето, итна реформа на Советот за реформи во правосудството што ќе подразбира времено суспендирање на секаква негова активност поради контаминираноста на неговата работа и барање на меѓународна експертска помош во реализирање на реформите, порача Мицкоски.

Мицкоски говореше и за изборите на 12 април, ги повика граѓаните да излезат во голем број и дадат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. Вели апатичноста ќе била од помош само на Заев и СДСМ.

-Со седење дома и апатија народе, граѓани, народе македонски нема подобро. Затоа што драги браќа и сестри, таа апатија ја посакува СДСМ бидејќи таа значи поддршка за нив.  Мора да опстои вербата и надежта дека може подобро и да се почувствува оваа енергија која значи промени и значи обнова. Следните избори се нова шанса за нашиот народ да си ја врати државата во свои раце и да покаже дека Македонија може и дека Македонија заслужува повеќе, порача Мицкоски.

Пред камерата на Алфа, граѓаните велат дека излегле на протест за да го изразат незадоволството од тригодишно владеење на Заев и СДСМ и катастрофалните политики, пред се во секторот правда.

На крајот од говорот Мицкоски порача дека обвновата ќе дојде, дека доаѓаат нови времиња по 12 април. Како што кажа тој пред граѓаните, аудио материјалот објавен од Антонио Милошоски, покажува дека Заев е правдоубиецот во Македонија.

Матеја Петровски

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста