За „Стентон Градба“ нема ништо спорно што добиле милионски тендер на само неколку месеци пред избори

За „Стентон Градба“ нема ништо спорно што добиле милионски тендер на само неколку месеци пред избори

За компанијата „Стентон градба“, која предизборно треба да се опари со цели 29 милиони евра државни пари од ТИРЗ, нема ништо спорно што договорот се потпишува во осетлив период, само еден месец пред формирањето на техничката влада. За нив, било нормално и законски јавната набавка да се спроведува на 5 месеци пред избори, бидејќи вакви набавки се спроведувале и ќе се спроведуваат и по техничката влада.

  • Согласно законските одредби, јавни набавки се добиваат пред и после формирање на техничка влада. Ние ја добивме набавката, и ќе го спроведeме согласно одредби од договорот кој веќе го имаме постигнато со ТИРЗ. За нашата компанија, неосновани се обвинувањата дека на еден месец пред формирање техничка влада ја добивме јавната набавка, која е согласно законските одредби од Законот за јавни набавки, според кој може да се распише и за време на техничката влада“ вели во телефонска изјава за Алфа, управителот на компанијата, Гоце Стојаноски.

Останува отворено прашањето, зошто во зоните на ТИРЗ ќе се градат амбуланта и градинки бидејќи ваква инвестиција воопшто и не беше најавена. Дополнителен сомнеж фрла сумата која за неколку објекти достигнува речиси 30 милиони евра, како и тајмингот, договорот е потпишан на само еден месец пред формирањето на техничката влада. Од ТИРЗ објаснуваат дека овој проект е потребен согласно резултатите од анкетите кои ги спровеле.

Инаку „Стентот Градба„, во име на ТИРЗ треба да изгради амбуланти, сместувачки капацитети, градинки, складишта и паркиралишта во вкупна површина од 31,500 метри квадрати, во зоните во Скопје, Прилеп и Штип.

Дирекцијата се обврзала во рок од 60 дена да исплати аванс во вредност од 20% односно речиси 6 милиони евра, а потоа да се плаќаат месечни рати.

Инаку „Стетон градба“ работи на повеќе државни проекти, меѓу кои и изградбата на железничкиот коридор Бељаковце – Крива Паланка, браната во Штипско на реката Отиња, а е и еден од подизведувачите за изградба на автопатите, проект кој го доби „Бехтел и Енка“. „Стентон градба“ е основана пред 20 години во битолското село долно оризари.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста