Спротивставени ставови на претседателските кандидати за уставните измени
Темелни уставни реформи на база на експертска анализа, право на апсолутно вето на претседателот, избор на претседател во Собрание и воопшто да не се чепка Уставот – ова се дел од ставовите на кандидатите за шеф на државата во врска со промена на највисокиот правен акт.
Вметнување на Бугарите и на други малцинства во Преамбулата, но и замена на формулацијата 20% со Албански јазик. Ова би биле измените на кои е подготвен кандидатот за претседател Стево Пендаровски кој смета и дека суспензивното вето треба да се замени со апсолутно со што шефот на државата би имал поголема моќ.
- „Суспензивното вето треба да премине во апсолутно вето / мислам дека имаме поприоритетни работи во однос на европската интеграција, да ги ставиме Бугарите во Устав сум за тоа и ако се отвора Уставот, се разбира, да има две третини за сето тоа, бидејќи без две третини не може да го направите тоа, да 20 % станат албански јазик, бидејќи тоа е еуфемизам“ рече Пендаровски.
Кандидатот од ЗНАМ пак со спротивен став. Тој смета дека воопшто не треба да се чепка Уставот , вклучително и за прашањето за избор на претседател во Собрание.
- „Не е потребно да се менува, да не се дозволи уривање на унитарноста на државата и да се дозволи скриена трансформација на Македонија од прост во сложен тип на уредување. Отворено веќе трета деценија поедини политичари говорат, а нашата политичка елита водејќи се субјективно и лукративно отстапува во континуитет“, рече Димитриевски.
Кандидатот од ГРОМ пак смета дека треба да се зголемат надлежностите на претседателот. Шефот на државата треба да има ингеренции да одредува дел од клучните функции, како членовите на Уставен суд.
- „Назначувањето на гувернер на НБРМ ќе значи поголема самостојност на централната банка, која има најголема доверба. И сметам дека во Уставен суд и Судски совет треба директно претседателот да предлага членови, без политичко пазарење“, рече Јакимовски.
Според кандидатката на ВМРО ДПМНЕ,доколку Уставот се чепка, потребни се темелни реформи кои ќе се базираат на експертска анализа и градење на широк консензус.
- „Треба темелни уставни реформи на овој ‘Франкенштајн’ Устав, што тешко се чита и од експерти. Но треба врз основа на поширока експертска анализа. Ние во уставната комисија немаме експерти, а мора да имаме, кои постојано дијагностицираат нефункционалност и предлгаат соодветни решенија“, рече Силјановска Дафкова.
Кандидатката од Левица смета дека се потребни радикални промени на Уставот, односно, според неа, на Македонија и е потребен целосно нов граѓански Устав
- „Ние во 1991 година тргнавме по една патека, 2001 година залутавме по друга патека и сега веќе не знаеме каков ни е системот. Јас сум за нов устав со сите овие слабости што уставниот поредок ги покажува, меѓутоа и тој самиот продуцира, ако 2001 бил причина за војна, сега е причина за катастрофа“, рече Ванковска.
Кандидатот од „Европскиот фронт“ наместо избор на народот, бара претседателот да се бира во парламентот . Според него тоа би било унапредување на демократија.
- „ Мислам дека во еден инклузивен процес помеѓу македонскиот блок ќе има деполаризација, меѓутоа и вклучување на сите останати во донесување на одлуката. Не значи бегање од соочување со граѓаните, туку унапредување на демократијата во духот на Охридскиот договор“, рече Османи.
Промена на формулацијата „20%“ која се однесува за албанскиот јазик, уставни измени и повеќе ингеренции на претседателот се предлозите кандидатот од „ ВРЕДИ“
- „ Пред 50 години службени јазици беа македонски, албански и турски. Сега зборуваме дали ќе употребиме 20 отсто или не. За претседател, да дадеме или повеќе ингеренции или зошто да не разговараме за отворање нов устав и други нови ингеренции на претседателот и други решенија за проблемите во државата“, рече Таравари.
Сите седум кандидати за шеф на државата ги видовме прв и единствен пат на предизборно соочување, после пропаднатиот обид за мастер дебата за што Алфа Телевизија беше подготвена, но која пропадна поради повлекување на дел од другите национални телевизии.