Во возовите како во фрижидер

Битолчани се поретко патуваат со возови и одамна е поминато она време кога генерации на студенти од Битола и Прилеп, патуваа за Скопје и во обратна насока со култниот патнички воз “Пелагонија експрес“. Иако поефтино и покомотно и логиката вели дека треба да се патува со воз, сепак, не е така. Има многу причини, ама барем зимава во вагоните нема греење и на најодважните, патувањето им е како во фржидер. Денеска, екипата на АЛФА, го пречека утринскиот патнички воз од Скопје кој пристигна претпладнето во Битола, а патниците си го кажаа своето.

-Запрашани какви беа условите за возење и дали има греење, рекоа- Слабо и ладно е- рече една студентка.

– Ма никако не е- рече повозрасна патничка.

– Студено беше и цело време немаше греење – рече еден студент.

– Како пингвини оти ладнокамен е- рече еден патник.

– Нема греење оти власта не дава- рече највозрасниот патник, целиот измрзнат.

Вработените од Македонски железници велат дека не смеат да зборуваат јавно, оти може да ја изгубат работата. Меѓутоа, од некои најодважни од нив, во неформален разговор чувме дека вчера зеле половина плата за декември, дека од четири возила во три нема греење, дека во некои сегменти нема доволно извршители, па некои мораат по цел ден да престојуваат во канцеларии во други градови, за потоа да се качат во вечерниот воз и да се приберат дома. За дефектите, особено за немањето греење, велат дека главна причина е лошото одржување и незадоволството. А неслучајно е речено, власта е лика и прилика на состојбите во железниците.

Ова се пероните на 21. Век на Македонските железници на кои поминуваат, за жал, речиси неисправни возови, особено без греење, најлошо поминуваат патниците во ноќните часови кога температурите паѓаат до десет степени под нулата.

Петар Стефановски

Поврзани вести