Мишел: Иднината на Македонија е европска, но неизвесноста за датумот останува до Март

Иднината на Македонија е европска.Дебатата на самитот во Март треба да продолжи во таа насока, порача вечерва претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, по средбата со претседателот Пендаровски. Мишел о неговиот мандат ќе се залага за датум за преговори за Македонија, а пред Европскиот совет ќе презентира стратегија од три столба. На неа ќе треба да се надоврзат реформите во нашата држава, владеењето на правото и борбата против корупцијата.

“Првиот столб е следните недели и месеци да се фокусираме на процесот на реформа на моделот на проширување и негова модернизација. Вториот столб ќе биде повторно поставување на прашањето за Северна Македонија и Албанија пред СЕ, бидејќи сум свесен колку е направено во реформите и колку тие треба да продолжат за да се оди по патот кон ЕУ. И третиот столб е ЕУ да донесе стратегија за инвестиции и за раст на Западен Балкан”, изјави Мишел.

Пендаровски смета дека Македонија е подготвена да ја прифати новата методологија на Европската унија за прием на нови членки. Околу европската интеграција на земјата како што рече има широк консензус.

“Се надеваме дека, многу скоро, уште во март оваа година, ќе биде усвоена новата методологија за водење на претпристапните преговори и дека наскоро ќе има позитивни вести за нашата европска интеграција. Очекуваме дека со новата методологија ќе се зајакне процесот на пристапните преговори, како политички така и во однос на кредибилитетот и одржливоста. Како што Ви истакнав и на нашата средба, ние сме подготвени да ја прифатиме новата методологија затоа што тоа е во наш интерес, процесот да биде одржлив и кредибилен”, изјави Пендаровски.

Шефот на државата истакна дека законот за јавно обвинителство не се поставува како услов за почетоок на прегооворите на Македонија, но дека тој треба да се донесе за да не им се даде причина за такво нешто на некои земји кои сметаат дека треба да биде постигнато решение и за ова прашање. До сега од Пендаровски не е побарано да биде медијатор во процесот на преговори меѓу политичките партии. Новата методологија на ЕУ веројатно ќе биде презентирана на почетокот на следниот месец. Македонија очекува консензус на европските лидери до самитот на Европскиот Совет во Март кога ќе веројатно ќе се знае дали ќе биде одобрен старт на преговорите. Следниот самит ЕУ-Западен Балкан е во Мај во Загреб. Мишел се сретна и со техничкиот премиер Спасовски, а утре оди на средби со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Заев и Мицкоски.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста