НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фрчат огласи за вработувања во администрација, 209 илјади семејства не можат да платат сметки за комуналии

На два и пол месеци до предвремените парламентарни избори се уште фрчат огласи за вработувања во јавниот сектор. Агенцијата за администрација има 20-тина огласи за соработници во Бирото за јавни набавки, државните клиники, училишта, здравствениот и санитарен инспекторат, инспекторатот за земјоделство. За техничкиот премиер ова не е спорно, дозволено било објавување на огласи до распуштање на собранието, односно до распишување на изборите. Тврди дека за нив имало потреба, односно мотивите не биле политички.

И додека опозицијата обвинува дека новите огласи за вработување се предизборен поткуп, а синдикатите сметаат дека со префрлањето на службеници од јавниот во приватниот сектор ќе се врши партиска чистка на кадри во администрацијата, голем дел од работниците едвај врзуваат крај со крај.

Европската статистичка агенција Еуростат пресмета дека секое трето семејство во земјава или 209 илјади домаќинства не можат да ги платат сметките за вода, струја, греење. Вицепремиерката Царовска не негира дека ова е точен податок, вели Владата се трудела да им помогне на најзагрозените, но и да ја намали сиромаштијата кај вработените.

Во најновата анкета на институтот Фајненс тинк, граѓаните бараат во предизборните програми, политичките партии да се фокусираат на обезбедување подобро образование, здравство , владеење на правото, повисоки плати.

Сепак, пред изборите продолжуваат тензиите во техничката влада. На денешната презентација на Оперативниот план за вработување за годинава, не присуствуваше техничката министерка за труд Рашела Мизрахи, туку нејзината заменичка Санела Шкриељ. За вицепремиерката Царовска ова не беше проблем, бидејќи присуствувале сите кои биле вклучени во подготовка на мерките во изминатите 6 месеци и покрај тоа што присуствуваше Оливер Спасовски, кој беше избран за технички премиер пред 20-тина дена.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста