Во Прилеп се востанувава нова традиција – бесплатно делење на Василичарски бурек со паричка за граѓаните

 

Христијаните кои што се владеат според Стариот, Јулијански календар вечерва ја слават Стара Нова година, или помеѓу народот попозната и како Православна Нова година, но и како Василица. Главно обележје на овој голем празник е вртењето на Василичарското лебче или бурек во кој се става паричка. Во духот на верата и адетите, а поврзано со овој празник, прилечани од денеска имаат нова традиција. Во организација на ЛС, за прв пат годинава, во Старата прилепска чаршија, бесплатно беа поделени над 400 буреци, а во само еден од нив имаше и паричка. За среќниот добитник на паричката, ќе следува и награда, златен крст, откри градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

   „Нашата повеќевековна традиција која што се одвиваше досега во своите домови или во собир со најблиските, сакаме да премине во една традиција на отворено, каде што воедно ќе привлече и наши граѓани, но и гости од околните општини и да премине во една традиција која секоја година, се надеваме дека ќе биде побројна, поголема, побогата…Со одбележувањето на ваквите празници ние само ги зацврстуваме корените на нашиот македонски традиционален, богат фолклор и традиција“, – рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

   Прилепчани презадоволни. Ја поздравија оваа иницијатива на новата локална власт, бидејќи како што велат, силно веруваат дека пронаоѓањето на паричката во Василичарскиот бурек навистина носи среќа.

   „Многу е убаво…Баш и треба ваков настан да се има…Се врти парето, трипати домаќинот го врти бурекот и после делиме за семејството, за домот, за Господ…Веруваме, зошто да не, во среќа, во Бога, веруваме, тоа се православни празници кои се најубави: Божик, Василица, Христовото Воскресение…“ – вели една прилепчанка.

 „Во Прилеп адетот како е…? Мислам, тоа е Стара Нова година, наречено по старински..Василие светецот го славиме затоа што тој тогаш делел парички, ги враќал парите на народот и така ние го славиме него како добродател и вечерта на 13-ти славиме Нова година..Ова го слушнав и дојдов да видам како е, оти јас не живеам во Прилеп..Убаво е….“, – рече друга посетителка.   

 „Бидејќи имаме мали дечиња дома и за бадник и за Василица ставаме. Моментално тука сме дојдени од Словенија…да, си ја почитуваме традицијата, си месиме дома, со сите обичаи, паричка ставаме“, – објаснува гостинка од Словенија.

   Освен буреците, на платото пред симболот на Прилеп, Градскиот Саат, денеска беа поделени и повеќе од 100 литри варено вино, како и чај, донирани од неколку локални општетсвено-дговорни компании.

Каролина Дурло     

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста