По серијата земјотреси, битолчани ги евидентираат штетите, за само еден ден пријавени над стотина оштетувања
Иако тлото во битолско се уште не е целосно смирено, битолчани веќе ги евидентираат претрпените штети од серијата земјотреси. Тие имаат рок до 26-ти јануари за да ги пријават штетите до надлежните општински служби. Само во текот на вчерашниот ден биле поднесени над стотина барања за проценка на штетите, информираше денеска градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
„Комисијата активно работи и доколку има голем наплив, ние сме спремни и втора Комисија да оформиме. Голема благодарност до ИЗИС, кои се веќе на терен со дел од Комисијата“, – изјави градоначалникот на Битола.
По барањето на општина Битола веднаш по завчерашниот земјотрес, во санирањето на штетите, особено на виталните институции, но и на старите заштитени градби да помогне и Владата, денеска во Битола на координација пристигна делегација од неколку министри, предводена од вице-премиерот Љупчо Николовски, според кого државата била подготвена да и’ помогне на Битола.
„Она што значи обесштетување на граѓаните, тоа законски треба во рок од 360 дена Комисијата да поднесе извештај, меѓутоа сметаме, а и заеднички се согласивме дека Комисијата тоа треба да го направи што побрзо и што пообјективно, за финасиските средства да одат кај вистинските оние граѓани кои што имаат штета од земјотресот, да не се злоуппотребува ситуацијата од други кои што немаат таква потреба“, – рече Горан Милевски, министер за ЛС.
Во овој момент, ниту министрите, ниту од Државната комисија за проценка на штети не знаат со колкав процент од штетите ќе бидат обесштетени граѓаните.
„Процентот на штетата се одрдува согласно големината, односно обемноста на настанатата штета. И тоа е одлука која што ја носи Владата согласно расположливи буџетски средства и согласно сите аспекти земени во целокупниот извештај којшто се доставува, така што во овој момент не можеме точно да прецизираме процент. Тој се утврдува на самата седница“, – кажа Гоце Ѓорѓиевски, претседател на Државната комисија за проценка на штети.
Колку за потсетување, досега, освен пријавените оштетувања кај поголем број приватни куќи, извесни оштетувања се евидентирани и во еден клон на една Детска градинка, како и во две приземни одделенија во Клиничката болница.
Каролина Дурло