Власта контра барањата на екологистите за амандманската интервенција за загадувањето

Власта ги игнорира екологистите. Алармираат дека сликата со аерозагадувањето станува загрижувачка, а надлежните не ги прифаќаат нивните предлози за решавање на проблемот. Иако поднесоа повеќе амандмани со кои бараат во буџетот да се одвојат повеќе средства за битката со загадениот воздух, револтирани се што до сега не поминал ниту еден.

Повеќето амандмани беа одбиени. Имаше барање за филтри за домаќинствата, оние што не можат да го сменат начинот на греење, според наша проценка за околу 100 евра може да се додадат филтри на оџаците. Исто така баравме субвенции од 300 евра за поставување на плиснки уреди во 10 000 возила, и тоа беше одбиено – вели Невена Ѓеоргиевска од О2 иницијатива.

Додека граѓаните се гушат во отровен воздух, екологистите сметаат дека е недозволиво само 0,49 отсто од средствата на државната каса да се наменат за заштита на животната средина.

Активистите од О2 иницијатива долго време апелираат министерството за животна средина да отвори независна лабораторија во која надлежните инспектори ќе утврдуваат кои загадувачи се најопасни, но и на оваа тема, од властите и понатаму молк. Посочуваат и дека од даноците за животна средина секоја година се собираат десет пати поголеми средства од оние кои се одвоени во буџетот за 2021 година за намалување на загадувањето. Тие предупредуваат,  итно да биде формиран фонд за животна средина, преку кој ќе се обезбеди наменско трошење на овие средства.

Посебно ги замоливме да биде разгледан предлогот за акредитација на централна лабораторија, во која инспекторите ќе можат да извршуваат независни мерења на загадувачите – додава Ѓеоргиевска.

Дополнителен проблем се и казните за загадувачите, за кои власта се пофали дека ќе ги зголеми за 20 евра. Но на терен работите се уште се непроменети. Од здружението бараат конкретни суми за казни, наместо најави за зголемување на казните кое во пракса не било спроведено.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста