Пристигна лекот „Фавипиравир“, со висока цена и без протоколи за матичните лекари

Лекот „Фавипиравир“ кој граѓаните го набавуваа од Косово, конечно пристигна во Македонија. Но, освен задолжителниот рецепт ќе се плаќа и полната цена од 4.300 до 5.100 денари. Матичните лекари не знаат колку дози од лекот треба да се препишат и во кои случаи истиот треба да се дава на пацинетите позитивни на Ковид 19.

“Ние како матични лекари воопшто немаме комуникација од аспект да ни е даден некој протокол или упатства како би постапувале во случајот со овој лек.Каде што некое време наназад граѓаните нелегално го набавуваа на црно од Косово со драматични цени, имам информации дека се палаќал и до 700 евра за две кутии што имаат дадено.” – изјави за Алфа, д-р Ненад Лазаров, матичен лекар.

Првиот човек на Агенцијата за лекови, Лирим Шабани препорачува „Фавира“ да не се зема на своја рака. А за начинот на употребата на лекот и неговата цена за продажба, надлежно за информации било Министерството за здравство.

“Моја препорака е лекот да не се дава без лекарски рецепт и без надзор на специјалист.Министерството за здравство е инстиуција која треба да каже дали лекот ќе го препишуваат матичните лекари и специјалисти и инфектолози.Тој лек е и по набавна цена е скап затоа и толку чини…но, цените на лековите ги одредува Министерството за здравсто. Си има посебен сектор. ” – вели Лирим Шабани, директор на Агенција за лекови.

Побарувачката за лекот „Фавира“ е доста голема, велат фармацевтите,  но голем дел од аптеките го немаат добиено. Инаку лекот и досега се користеше на Инфективните клиники во земјава за лечење на заболени со коронавирус, но беше увезен како донација. „Фавипиравирот“ е лек за којшто се водат бројни студии во светот, и се смета дека помага во раната фаза на зараза со коронавирусот.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста