Власта денеска со игра на зборови се овидува да го смири гневот на јавноста, но и на историчарите

По острите реакции во  јавноста и помеѓу експерската фела Владата денеска синхронизирано излезе со оправдувања и дообјаснувања во обид  да го намалат гневот меѓу граѓаните.Тврдат дека немало да го укинат предметот историја, ама сепак признаваат дека посебен предмет нема да има . Истиот ќе биде вметнат во општествени науки, заедно со географија и граѓанско.

Премиерот Зоран Заев објави детали за големата образовна реформа која треба да стартува од следната учебна година . Медиумска и дигитална писменост, хигиена, екологија, пилатес и јога – овие предмети ќе бидат дел од новиот образовен модел. Заев се правда, но признава дека содржината од учебниците по историја и ќе географија која се смета за вишок ќе се крати. Предметите само ќе се вметнеле во предметот општествени науки иако професорите постојано алармираат дека историја и географија не се општествени науки и мораат да се изучуваат како посебен предмет . Објаснување стигна и од Министерството за образование :

Воведувањето на наставниот предмет општествени науки не значи дека се укинува  наставниот предмет историја, туку содржините од него стануваат задолжителен дел од интегрираната наставна програма. Преку интегрирање на содржини од историја, граѓанско образование и географија, наставниците по овие предмети продолжуваат да работат во училиштето, но сега заеднички ја планираат наставата, ги поврзуваат општествените појави и процеси, а учениците ги учат од различни перспективи – велат од МОН.

Денеска реагираа и од Здружението на музички педагози кои сметаат дека промени треба да има, но не по цената да се изгубат суштинските предмети.

Финска има добар модел, има супер модел за фински деца, ние може да искористиме дел од тој модел но треба да оставиме база врз македонската националност. Ние мора да имаме едно тело во нашава држава, национално просветно тело кое што ќе се грижи   за националноста – вели Силвана Гелевска Претседател на Здружение на музички педагози.

Најавата на министерката Царовска уште на почетокот предизвика остри реакции. Најмногу од историчарите кои сметаат дека новиот концепт не е фински модел, туку само под превезот на реформи во образованието, власта се обидува да им удоволи на соседите.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста