Половични мерки за нови корона кластери, граѓаните незадоволни од мерките на Владата

Половични мерки за нови корона кластери – вака граѓаните ги коментираат мерките на Владата за заштита од вирусот во пресрет на новогодишните празници. Скратеното работно време на кафулињата и рестораните, нема да го реши проблемот велат граѓаните, оти по затворањето на угостителските објекти метежот се префрла во трговските центри и казината чие работно време останува непроменето. Бараат од Владата да носи одлуки во полза на здравјето, како што тоа го прават лидерите на европските земји, а не да се носат одлуки за спас на економијата.

„Требаше полициски час до 20 Јануари. Се слават сите празници и бројот на заболени ќе расте. По 20 луѓе одат на гости, ќерки, синови, не се снае кој е здрав, кој не. Преземете построги мерки“.

„Што оваа држава ќе преземе за луѓето кои се враќаат од странство? Дали ќе барате задолжителен ПЦР тест или карантин од 14 дена, како што има Србија, Хрватска, Грција, Германија…“

„Не се презема ништо. Требаше полициски час до 20 Јануари, ќе се собираат луѓе на маалски огнови. Секаде и граници затворени со ПЦР тест, тука хотел Македонија“, пишуваат корисниците на социјалните мрежи.

И докторите стравуваат оти групните собирања за време на празниците, може да донесат нов посилен корона бран во Јануари.

„И покрај тоа што секој ден околу 30 семејства остануваат ужалени сепак на некој им дошло до прослави. Тоа може да ги доведе до опасност, не само бран да се случи епидемиски, туку и да ги доведе во опасност постарите членови на нивните семејства“, вели епидемиоогот Драган Даниловски.

Според светските статистики, Македонија се уште е високо на црните корона билтени. По бројот на смртни случаи на еден милион жители земјава го држи високото шесто место во Европа, а седмо во светот. Зад нас се дури и државите каде вирусот однесе стотици илјади животи како Бразил и САД, а Македонија се најде и пред соседните држави Албанија, Косово, Бугарија и Грција.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста