Владата не кажува колку бегалци од Украина има во Македонија

Владата не дава конкретни информации колку точно украински државјани кои бегаат од војната се пристигнати во Македонија. Сите кои до сега пристигнале биле сместени кај роднини и пријатели, и никој од нив не побарал барање за статус на бегалец. Оттаму велат дека институциите биле ангажирани да им ја пружат потребната помош.

Граѓаните на Украина, кои до сега пристигнаа во земјава, се сместени кај роднини и пријатели и ниеден од нив нема поднесено барање за статус на бегалец. Согласно билатералниот договор за безвизен режим, во Северна Македонија тие можат до престојуваат во период до 90 дена – информираа од Влада.

Во Црвениот крст за помош најчесто се пријавуваат жени, деца и возрасни лица, а најголема потреба имаат од храна, облека и лекови. Освен на украинците, Црвен крст им помага и на бегалците од Авганистан, но и оние кои само транзитираат, како на пример, бегалците од Сирија.

Додека властите постојано велат дека Македонија е спремна да ги прими сите бегалци и да им пружа помош, на терен сликата е поинаква. Македонско украинските семејства кои пристигнуваат во државава, преку медиумите бараат помош.

Сечија помош ни е добредојдена, но нас ни е важна толку помошта од државата колку мирот, сакаме да живееме во убаво место и православна земја како Македонија – изјави Марија Орловскаја на 23.03.2022.

Проблеми имаше и семејството на охриѓанецот Дарко Кипаризовски и неговата сопруга која е украински државјанин. Откако им наплатија за зелен картон на нашата граница, се појавија нови проблеми. Тие не можеа да ги запишат во градинка нивните деца бидејќи не поседувале доказ дека тие се вакцинирани. Здравствените книшки им изгореа во болницата во Харков.

Јас им кажав дека се вакцинирани, но картонот нас ни остана во детската клиника каде што децата се водеа. Клиниката во моментов не работи, немам сознанија дали е таа рушена или не,ние пробавме со нашата докторка да исконтактираме преку вибер, но не ни одговара – изјави Дарко Кипаризоски на 16.03.2022.

Во моментов во Македонија има и 509 авганистанци. Тие се сместени во објекти во главниот град. Сите имаат статус на бегалци, а само 13 од вкупниот број бегалци во државава, побарале дозвола Македонија да им биде финална дестинација.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста