Украинска криза – кренато нивото на борбена готовност во АРМ

Во Mакедонската Армија процедурално е подигнато нивото на борбена готовност, но не е донесена никаква одлука за инволвираност во евентуалниот конфликт помеѓу Русија и Украина – смирува претседателот Стево Пендаровски. Врховниот командант на вооружените сили појаснува дека Македонија како дел од НАТО, е дел од процесот на планирање заедно со другите земји членки.

„Македонија, како дел од НАТО, учествува во процесот на планирање заедно со останатите членки за начините како Алијансата да се постави кон тензиите кои се зголемуваат во тој регион. Инаку, НАТО нема донесено одлука за воено инволвирање во евентуален конфликт, туку станува збор само за задолжителна процедура за кревање на нивото на мобилност во ситуација на зголемени тензии во регион кој граничи со неколку членки на Алијансата.“ се вели во одговорот испратен од кабинетот на претседателот.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, претходно изјави дека доколку НАТО побара, Македонија ќе ја активира Армијата во евентуален судир помеѓу овие две земји. Ова предизвика низа реакции.

За пратеникот и поранешен полковник Драган Ковачки, овие изјави на министерката за одбрана се избрзани – Македонија треба повеќе да работи на проблемите внатре во државата, но и подигнување на рејтингот на армијата, односно воената моќ на државата.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, која на чело на институцијата е нешто повеќе од една недела, вчера изјави дека македонската армија како дел од тие структури (НАТО) има обврска и веќе изготвува анализи за можностите за потенцијално наше учество, односно ангажман во евентуалниот судир.

За познавачите на проблематиката, она што се случува помеѓу двете земји, но и реакциите на другите се уште се толкува како војна на дезинформации. По однос на ова прашање, НАТО има врзани раце бидејќи Украина не е членка на Алијансата.

НАТО има врзани раце бидејќи Украина не е членка. Во евентуален вооружен конфликт, НАТО би имала улога на зацврстување на своите граници со вооружени сили, во оние земји кои гравитираат во тој немирен регион. Во евентуален конфликт, НАТО ќе има споредна улога, од тука ќе дојдеме до заклучок дека Македонија како членка, не може да биде активиран членот 5  и во таа смисла би имале ограничени делувања на нашите вооружени сили

Одредбите од членот 5 се јасни – доколку една земја членка биде нападната, тоа е напад на сите земји кои се дел од Алијансата. Доколку НАТО побара од Македонија, Армијата да биде дел од мировни или борбени операции, државата треба да направи проценка на капацитетите, односно Врховниот командант и Советот за безбедност да донесат одлука за евентуално делување во координација со Советот на НАТО.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста