Чекор по чекор Скопје ги прифаќа барањата на Софија

Секоја средба Ковачевски – Петков, нови отстапки од Македонија но не и од Бугарија. Скопје полека попушта пред барањата од Софија, а тие не мрднаа ниту еден милиметар.

Откако пред првата средба се откажавме од македонското малцинство во Бугарија, а надлежните ги упатија Македонците кои живеат таму, да си ги бараат правата во меѓународните институции, испративме нота до Обединетите Нации дека Македонија нема територијални претензии кон Бугарија – сега власта најави и дека е подготвена да ги вметне Бугарите во Уставот.

Упатените коментираат дека кога се преговара двете страни треба да прават одредени поместувања, а не само едната да прифаќа ултиматуми.

Покрај договорот што го потпиша Заев, ние имаме уште еден договор кој не е потпишан, на кој бугарската страна инсистира, а нашата очигледно прифаќа. Ковачевски го прифати прашањето за Бугарите во Уставот. Тоа значи дека постојано се прават отстапки – изјави во емисијата Што не е јасно, поранешниот амбасадор Јован Донев.

Поранешниот вицепремиер Васко Наумовски вели „Некои држави создаваат проблем па го решаваат – за да се создаде впечаток дека нешто се работи“ како коментар на признавањето на краткото уставно име Северна Македонија од страна на Бугарија, што македонските власти се обидоа да го толкуваат како бугарска отсапка. Сепак, тоа се случи дури откако испративме нота до ОН дека тоа не имплицира територијални претензии кон Бугарија.

Некои држави во своите дипломатски активности се обидуват да создадат проблем, а потоа го решаваат за да се има впечаток дека направиле некаква отстапка. Територијалните претензии се повеќекратно потврдени од наша страна, и ниедна држава од нашето соседство не треба да стравува од тоа – вели поранешниот вицепремир Васко Наумовски.

За политичкиот аналитичар Алберт Муслиу оваа бугарска влада дава надеж дека работите може да се променат. Чувството на поразеност кое Македонија го имаше повеќе од една година, предизвикано од тогашните власти во Бугарија, сега било заменето со оптимизам.

Доби и бугарскиот премиер ветер во грб, да го промени наративот. Во целата оваа приказна се двете страни вклучени. Треба политичките елити да направат се, за да се намалат тензиите што ќе ни се зголемат шансите за да се одржи првата владина седница и во целиот тој процес да се има чувство на компромис – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Сепак, дел од експертите коментираат дека оптимизмот е неоснован ако се земат предвид изјавите од бугарска страна – премиерот Кирил Петков, на пример, ниту сака да зборува за можно постоење на македонско малцинство на бугарска територија. Нашите власти не ја ни отворија оваа тема, ваквите прашања се поставуаат единствено од дел од домашната академска јавност и дел од новинарите.

Адријана Алексиеска

Поврзани вести