Mинималната плата може да почека, Владата ја одложи средбата на ССМ – тие најавуваат генерален штрајк

Власта ја одложи средбата на синдикатите на кој требаше да разговараат за раст на минимална плата на 300 евра, реагираа од најголемиот Синдикат во земјава. Велат дека разговорите ќе се случеле следната недела, па така од старт се одложува целиот процес за зголемување на платите. Како што најавува ССМ, кон крајот на оваа недела ќе бидат свикани сите тела на Сојузот, каде ќе разговараат за активирање штрајкувачките одбори. Синдикатите алармираат дека условите на пазарот биле крајно лоши и работниците не можат да чекаат.

  • На разочарување на работниците, средбата закажана за денеска меѓу Владата и ССМ, по барање на Владата е одложена за 31.01.2022 година. ССМ по презентацијата на Студијата за минималната плата во Република Северна Македонија и нејзините ефекти врз функционирањето на компаниите изработена од еминентни професори, продолжува со активности во четврток и веднаш во петок ќе го свика раководството на ССМ, Советот на ССМ и подрачните единици на синдикатот и претставништвата со една цел – активирање на штрајкувачките одбори и почитување на процедурите за штрајк како и одредување датум за подготовка на штрајкот, вели за Алфа првиот синдикалец Дарко Димовски.

И додека синдикатот притиска минималецот да се зголеми на 18.000 денари, Владата вети, но по се изгледа тоа ќе биде во вториот квартал годинава. Од Синдикатот бараат и раст на сите плати, К-15 за јавниот сектор, како и непочитувањето на „недела“ како неработен ден.

  • Бараме и продолжување на мерката за замрзнување/ограничување на цените на основните прехранбени производи по 31.01.2022 година, додава Димовски.

Во меѓу време, експертите алармираат ако зголемувањето на минималецот и просечната плата не ја следат продуктивноста на трудот и пазарот, тоа негативно ќе се одразело врз сите.

И додека ставовите на ССМ и Владата се разминуваат, останува неизвесно кога минималецот ќе порасне на 300 евра – сега или најрано во април. Ако работите не мрднат од мртва точка во текот на оваа недела, синдикалците најавуваат генерален штрајк.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста