Тутунопроизводителите на мака, годинава ќе има помалку насади

Го губат ли македонските тутунопроизводители интересот за производство на тутунот ?! Додека привршуваат активностите околу рассадувањето на оваа важна индустриска култура за годинашнава реколта, од Сојузот на тутунски здруженија информираат дека споредено со минатата година, годинава биле склучени околу 3.000 договори помалку, а намалени биле и површините засадени со оваа култура, па следствено на тоа се очекуваат и помали приноси.

Сосема спротивно на ова, од ПЕ на Министерството за земјоделие пак, уверуваат дека во Прилепско-долненскиот регион, каде се произведува и најмногу тутун, интересот за тутунопроизвдството се зголемувал, особено кај младите земјоделци, така што оваа година биле склучени над 9.000 договори што било дури за 1.000 повеќе од лани.

Во овие контрадикторни податоци, техничкиот ресорен министер Цветан Трифуновски пак, прерпознава обид за манипулација на тутунарите, со крајна цел државата и оваа година да си овозможи услови за увоз на тутун, што секако би одело на штета на македонските тутунопроизводители.

Инаку, откупот на тутунот од ланската реколта заврши токму со овие проблеми кога голем дел од тутунопроизводителите реагираа на кинењето на класите, пониските откупни цени и предвременото затворање на откупните пунктови.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста