Tатко и пет деца сонуваат за Нова година во вистинска куќа, сега живеат во карабина

„За нова година сакам да имам струја и тоалет“, „Играчки сакам и телевизор да имаме, да работи и да ни биде убаво“, „Да имаме куќа и дрва“, „Како сите деца и јас сакам да имам светол дом“.

Ова се најголемите желби на Љубица, Алмир, Елеонора, Јасмина. Тие со нивното најмало братче Анѓело, првпат украсуваа голема елка, подарок од хуманитарното здружение „Од срце за срце“. Оттаму на дечињата им донесоа и играчки, облека и храна.

Среде соба, ама од цигли, нема ниту ѕид, ни паркет. Во карабината имаат само една мала ама барем топла соба, во која јадат, си играат и учат, ама само преку ден, оти струја дома немаат.

Оваа соба која до пред една недела била и студена, оти немало никакво греење, е малото катче на овие пет деца, кои вообичаено за ручек јадат паштета со лепче.

-Јадевме паштета. Ручаме што ќе ни дадат хумани луѓе, раскажува малиот Алмир.

Тоалет внатре немаат, а се бањаат во корито, вели таткото на овие дечиња.

-Во корито, а имаме вц, полско, надвор во дворот, вели Ајнур Симоновски.

Пред да ја загуби сопругата, Ајнур работел, вообичаено приватно, со градежништво, физичка работа. Но, повеќе од една година, поради, како што вели, лекарска грешка, останал сам со пет деца.

-Мојата сопруга почина поради вина на лекари, сигурен сум, но тогаш немав сила да се борам, вели Симоновски.

Секојдневието, раскажува тој пред камерата на Алфа, му е мачно, бидејќи, сака неговите деца да имаат подобри услови за живот, а тој не може да им ги пружи. Со социјалната помош има само за леб и млеко, ама само до 17-ти во месецот.

-Како самохран татко, со пет дечиња, помошта која ја добивам, е мала. Земам социјална помош, но не стига, 10.000 за шест чена, не можам да постигнам. Мала е помошта и за двајца, колку што знам е 6.000, а замислете, што да направам попрво со тие пари. Тие стигаат можеби за поповина месец, ама ми треба за храна, млеко за дечињата. Се позајмувам, а и се запишувам во продавницата во близина, па плаќам кога ќе можам, вели Симоновски.

Овој самохран родител бара помош од хумани граѓани, прозорци, врати за да ја доправи куќата што пред неколку години сам започнал да ја гради.

Трансакциска сметка: 200003413539505

Сања Трајковска Ставров 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста