ВМРО-ДПМНЕ бара поддршка од власта за Ковачки, СДСМ ја повикува опозицијата да предложи нов кандидат

ВМРО-ДПМНЕ во Драган Ковачки гледа професионалец од кој власта се плаши, а СДСМ бара опозицијата да предложи друг кандидат за прв човек во МВР. Ден по средбата Мицкоски-Заев, лидерот на опозицијата на Фејсбук напиша дека отпорот против нивниот предлог за прв човек на полицијата е поради стравот од изборен пораз и разобличување на хаосот.

“Знам дека вакво едно решение ја избезумува власта и нејзините перјаници кои треба да знаат дека допрва ги чека главоболка пропорционална со степенот со кој се огрешиле спрема законите и народот на Македонија. Затоа ја повикувам Власта да не ги одложува работите, кочењето на професионалец за МВР, нема да го избегне неминовниот пораз, туку ќе го зголеми”, наапиша Мицкоски.

Тој истакнува дека му е поважно да се избере професионалец кој ќе се бори против кримналците отколку кандидатот да му се допадне на Заев.

“ВМРО-ДПМНЕ и јас како нејзин претседател верува во професионалците кои се дел од нашите институции, во чесните луѓе кои се разочарани од оние кои гледаат на политиката низ призма на само личен интерес и воедно имаат надеж дека доаѓаат луѓе кои ќе се борат за да сето ова го променат и да вратат ред и поредок во државата. Тоа се храбри луѓе кои ќе бидат мобилизирани и затоа стравот кај многумина од овие криминални структури е очигледен”, се вели во Фејсбук статусот на Мицкоски.

СДСМ пак се огласи преку соопштение и побара ВМРО-ДПМНЕ да предложи друг кандидат за МВР. Се повикуваат на членот 97 од Уставот во кој се вели дека со министерството за внатрешни работи или со Министерството за одбрана треба да раководи цивилно лице најмалку три години пред изборот на таа функција. Како и на Законот за полиција според кој униформирано лице не смее да биде министер.

Премиерот Заев во интервју за Дојче Веле посочува дека изборите на 12 Април се затворено прашање, но и тој ја наметнува дилемата околу уставноста на предлогот.

“Ќе продолжат разговорите со опозицијата, верувам дека оваа дилема брзо ќе се расчисти. Ги слушаме експертите, целата јавност веќе зборува за тоа. Ако е очигледно дека ова предложено решение не може да помине заради тоа што Уставот тоа не го дозволува, сигурен сум дека опозицијата нема да си дозволи да инсистира на кршење на Уставот и дека ќе може брзо да предложи друг кандидат околу кој би се согласиле”, вели Заев

Имињата на заменик министерот за одбрана Беким Максути и на поранешниот министер за внатрешни работи Силјан Аврамовски се ставаат во ист контекст со предлогот за именувањето на Ковачки. Максути пред именувањето бил раководител на сектор за меѓународна соработка во министерството, а Силјан Аврамовски пред именувањето бил на повеќе раководни позиции во државната безбедност. Помошник началник за спротивставување на тероризам, началник во контраразузнавање, Директор на УБК.

Заев треба да замине од премиерската функција на 3 Јануари. Тогаш треба да биде избрана и техничката влада.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста