Среќен епилог во Беранци- Игор Димковски сместен е во старски дом

Потресната сторија од битолското село Беранци која не ја остави рамнодушна пошироката јавност после нашата репортажа, за само два дена доби среќен епилог, откако институциите најдоа решение за сместување на 45- годишниот Игор Димковски, со тешка душевна попреченост. Центарот за социјална работа од Битола, преземајќи ги сите протоколи за вакви случаи, од вчера после палдне, го смести Игор во Домот за стари лица во Прилеп, каде што ќе ја добие неопходната нега и медицински третман.

     – Во соработка со полиција и брза помош лицето беше однесено во Клиничка  болница Битола и му е утврдено дека треба да е згрижено и да му е дадена помош и нега. Во рок помал од 24 часа лицето беше сместено во старски дом Прилеп. Ќе видиме во иднина, можно е да се обезбеди друг облик на згрижување. Ќе се работи со семејството, претходно напоменав дека се појави друг ризик и ќе мора понатаму со нив да соработуваме – рече  Моника Стојчевска, директор на Центарот за социјална работа Битола

      Семејството Димковци, таткото Кире и синовите Игор и Александар, сите се со душевна попреченост, од кои Игор во тешка состојба на непресметливост. Со пензија од десеттина илјади денари, мака мачеа да опстојат , но  не бараа парична помош, туку Игор да биде сместен во некоја установа, зашто по ноќе стануваше и беше опасен за себе и за домашните, па мораа да го врзуваат. Медиумскиот третман, за среќа помогна за овој епилог. Меѓутоа, претходните епизоди со полициска интервенција заради семејно насилство, допрва ќе треба да дадат одговори, зошто Игор бил тепан и врзуван, велат од Центарот за социјална работа.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста