Мијалков имал температура: Се пријави сам, веќе е во куќен притвор, Русковска верува дека нема да бега, не верува дека бил болен

Сашо Мијалков се појави кај Вилма Русковска, Обвинителството го повлече барањето за затворски, па поранешниот директор на УБК замина во домашен притвор.

Тој денеска некаде пред 17 часот се појави во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, каде што кажа дека дошол да го земе решението за мерката домашен притвор.

Во изјава за телевизија 24, Мијалков вели дека не бил во бегство и немал план за такво нешто, а како причина што не бил достапен, бил стравот дека има ковид 19, поради што се самоизолирал, а веста дека органите го бараат ја слушнал утринава.

-Бев изолиран зошто имав симптоми на корона и со 40 температура, главоболки и од причина што сакав да се изолирам од семејството, вчерашниот ден го поминав во изолација би сакал да ја искористам оваа прилика да се извинам на целата македонска јавност, заради непријатноста што се случи во државава, од тоа што минатиот ден го поминав во изолација. И уште еднаш да го повторам она, јавно да го повторам оној мој збор дека јас никогаш нема да побегнам, изјави Мијалков за ТВ 24.

Иако самата кажа дека имала информации дека Мијалков подготвува бегство од државата, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, вели сега не верувала во такво нешто.

Иако Обвинителството првично бараше мерка затворски притвор за Сашо Мијалков, денеска тие ја повлекоа одлуката со која што ја бараа токму таа иста мерка, а како причина Вилма Рускоска наведе дека било барање од првиот човек на Кривичниот суд Иван Џолев и во договор со републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

И покрај тоа што Обвинителството ја повлече одлуката Русковска вели не верувала дека Сашо Мијалков бил болен, па тоа било причината што не бил достапен за органите.

-Значи ние ја повлековме жалба со тоа што претседателот на Судот сметаше дека е поефикасно и да се достави ново прашање за притвор. (Вие што мислите?) Мене исто ми беше логично, само што јас не ја повлеков. Побаравме притвор така, сега има вака уште нешто втор пат да ме прашате или сега ви се разјасни нешто, изјави Русковска.

Инаку, во пресрет на пресудата за случајот „Таргет тврдина“ во петок, Кривичниот суд во неделата му определи куќен притвор на Сашо Мијалков, кој е првообвинет во овој кривичен процес. Од неделата попладне досега никој не знаеше каде се наоѓа поранешниот прв човек на УБК.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста