Британскиот сој „коси“ во Македонија, болниците се полнат, засилени мерки нема – вакцините заглавени во бирократија

Британската мутација коси во Македонија, а надлежните абер немаат за воведување на нови рестриктивни мерки како што тоа го направија западно европските земји. Министерот за здравство, Филипче призна дека бројот на позитивни расте. Вели кај дури 70 отсто од заразените бил потврден новиот, уште позаразен британскиот сој, но смирува – болнички кревети имало доволно.

„Зголемен е бројот на пациенти кои што се хоспитализираат, но н4е до тој степен да ги загрозуваат болничките капацитети. Во дел од болниците, конкретно Кавадарци, Прилеп и Охрид, но со сосема доволен болнички капацитет сега и во овој момент. И во делот на мерките, дефинитивно е можно, меѓутоа за сега не“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Во меѓувреме ковид центите повторно се полнат. Над 670 пациенти со компликации од корона вирусот се хоспитализирани во болниците ширум Македонија. Бројот на прегледи е зголемен и во ГОБ 8 Септември, вели доктор Владимир Ристовски.

„Се забележува покачување на бројот на хоспитализации, со оглед дека претходните два месеци беше еден релативно мирен период за хоспитализација на пациентите. Последнава недела дефинитивно бележи пораст и во прегледите во тријажниот центар и во бројот на хоспитализации. Капацитетот за легла е околу 80 пациенти и целиот капацитет е пополнет“, вели доктор Ристовски.

И додека светот масовно се вакцинира, министерот и денеска немаше одговор кога во Македонија ќе стигнат најавените 200.000 вакцини од кинескиот производител Синофарм, ниту пак нарачаните 5800 дози од Фајзер за кои се зборуваше оти би дошле до крајот на овој месец. Сега Филипче вели, се работело на комплетирање на потребната документација.

„некои дополнителни документи, расчистување на некои членови од договорот и тоа произлегува од секојдневната комуникација и размената на информации. И денеска ќе продолжи таа комуникација. Се надевам дека во следните денови ќе ги имаме и конкретните датуми, но за сега остануваме во тие интензивни разговори со преставниците на двете компании“, додава Филипче.

Македонија за сега ги користи донираните 8000 вакцини од Србија со кои се имунизираат вработените во ковид центрите. До денес вакцинирани биле 1700 здравствени работници.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста