Од полноќ почнува молкот за претседателските избори, што ветија седумте кандидати во изминатите 20 дена?
Влез во Европската Унија до 2030 година, враќање на гордоста на државата, владеење на правото, војска наоружана до заби, Бугари во устав по секоја цена, влез во БРИКС, излез од НАТО, претседателот да се бира во Собрание, бескомпромисна битка против криминалот и корупцијата – каков претседател треба да има Македонија? Ова се главните пораки на седумте кандидати кои пред самиот финиш го дотрчуваат маратонот до Вила Водно. Кој ќе стигне прв, зависи од волјата на народот. Сублиматот од пораките на последниот ден од кампањата ги покажува различните планови и визии на кандидатите, каква земја треба да биде Македонија. Дваесет дена Стево Пендаровски од секој митинг повторуваше дека Македонија ја гледа единствено во ЕУ, бидејќи немало друга алтернатива за земјава.
Оваа политичка гарнитура, според Пендаровски, има план и визија како да ја внесе државата во Европската унија до 2030 година. Како два клучни моменти за државата во изминатиот период ги посочи членството во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската унија. Во моментот, како што рече, благодарение на синергијата меѓу надворешните и внатрешните непријатели, сме самоблокирани што значи изолација на долг рок доколку на 24 април не победи коалицијата за европска иднина, рече Пендаровски.
Наспроти изнасилената реторика дека без уставни измени нема напред кон ЕУ и дека мора по секоја цена тие да се случат, кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ која има амбиции да ја врати гордоста на државата, порачува дека Македонија треба да стане дел од ЕУ ама без да биде понижена. И токму како што гласи нејзиниот слоган, таа е децидна дека може да бидеме горди ако имаме средена и стандардна држава, втемелена во владеењето на правото.
Нема гордост без национални и државни интереси. Македонија не треба само да молчи пред европските челници за нестандардните услови на патот кон ЕУ, туку треба да не почитуваат исто како што ги почитуваат другите земји членки и кандидати. Таа посочи и дека актуелната власт не ужива углед. Затоа овие луѓе не уживаат углед и не може да ја претставуваат Македонија, не само добро, а камоли подобро и затоа Македонија не може на нив да биде горда – рече Силјановска Давкова.
Кандидатот број три, има многу поинакви погледи од претходните двајца. За Стевчо Јакимовски е најважно да имаме спремна војска, многу оружје, муниција и секако полни стокови резерви, доколку се прошират војните кои во моментов се водат на тлото на Европа и Блискиот Исток.
Мoже Македонија и Европа да ги зафати еден воен вител и затоа мора да бидеме максимално одговорни. Мојот апел како иден претседател на република македонија веднаш да се набавува оружје и муниција, веднаш да се зголеми сточниот фонд и производството на храна, да работи конзервната индустрија, да се обезбеди храна за живината за целата стока затоа што ако дојде до една сериозна војна на тло на европа тоа значи дека ќе бидат затворени сите граници – рече Јакимовски
Кандидатите – од политичкиот блок на албанската заедница пак со понационалистичка реторика. Бујар Османи постојано повторуваше дека ги уривале тврдините од етничките монополи и од исклучен народ, стигнале до премиер Албанец, но немало да застанат тука.
Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија, истакна Османи.
Билјана Ванковска пак со дијаметрално спротивни ставови од Стевчо Јакимовски кој сака наоружана војска до заби. Во кампањата на кандидатката на Левица често пати можеше да се слушне дека на Македонија и треба храна, а не оружје за туѓи војни – осврнувајќи се на парите од буџетот кои Македонија ги одвојува за НАТО. Таа се залага за влез во БРИКС, а не во ЕУ.
Ние не можеме да веруваме дека ЕУ е трајно нешто. Таа се менува. Во Германија, јавноста веќе притиска за излегување од ЕУ. Јас сум за трезвено гледање на работите. ЕУ менторството е во ред, но не да бидат владетели во оваа држава. НАТО го ветуваа како економска бонаца, ќе бидеме безбедна дестинација… Само за овие неколку години, за воена опрема и оружје имаме потрошено повеќе од 34 пати во сума, во пари, за да покажеме колку сме лојални, притоа одземајќи од социјалните потреби на граѓаните. Нашата алтернатива е воена неутралност. Ја не сакам Македонија да биде ничиј геополитички плен, изјави Ванковска.
Кандидатот на „Вреди“ цели кон тоа албанскиот јазик да биде целосно службен и на исто ниво како македонскиот. Арбен Таравари постави и услови – уставните измени во првите шест месеци.
Во Македонија граѓаните трошат околу 1,7 милиони евра дневно во игри на среќа. Овие пари ги полнат џебовите на руските и српските олигарси а преку нив и на моќниците од ДУИ. Болеста наречена игри на среќа ја инсталира и промовираше ДУИ на секој чекор во нашите населби. Оваа болест кој се симболизира со лотаријата на Артан Груби, ги уништува нашите семејства, го уништува нашето општество, рече Таравари.
Од седмицата, Максим Димитриевски често пати слушавме дека е потребно обединување. Кандидатот на „ЗНАМ – За наша Македонија“ вели дека ќе биде татко на нацијата, пријател, соборец соговорник. А доколку седне во Вила Водно најавува бескомпромисна битка со полтичката и корупцијата во судството и афирмација на земјава на меѓународен план.
Не има грст народ овде, и доста е од поделби. Доста се делиме. Ни треба обединување, на Македонија и треба обединител. Македонија нека гласа за другар, соговорник, соборец претседател. Мора да продолжиме на патот на евроинтеграциите, но не по секоја цена, бидејќи мора да влеземе во Европската унија со крената глава како Македонци и како засебна нација, како што била и како што е во моментот по основните заложби на Крушевскиот манифест. Се одважив, влегов во оваа битка за иден претседател на државата затоа што сметам дека Македонија заслужува претседател од граѓаните, со граѓаните и за граѓаните. И затоа мојот приоритет во иднина ќе бидат единствено граѓаните – порача претседателскиот кандидат на „ЗНАМ за наша Македонија“, Максим Димитриевски.
Кампањата завршува вечерва на полноќ кога ќе започне предизборниот молк во очи на првиот круг на претседателските избори на 24 април во среда.