Сојуз на средношколци: Срамно е да се наплаќаат свидетелства, особено во година со онлајн настава

Просветниот инспекторат да ги објави имињата на училиштата што им наплаќаа за свидетелства на учениците – реагираат од Сојузот на средношколци. Откако здружението алармираше за незаконско наплаќање за свидетелства во неколку училишта, и покрај тоа што според закон основното и средното образование се бесплатни, надлежниот инспекторат постапи но средношколците бараат да се обелоденат заклучоците, зошто училиштата наплаќале и по 200 денари за едно свидетелство.

„Ги поздравуваме инспекциите , но нè интересираат методологијата и заклучоците до кои дошле инспекторите. Се обраќаме и до училиштата – вратете ги парите кај учениците, зашто само така може да го решите овој проблем. Срамно е да се наплаќаат свидетелства кога било, но особено во училишна година целосно одржана преку неквалитетна онлајн настава со слабо обучени професори“, изјави претседателот на Сојуз на средношколци Лука Павиќевиќ.

Го контактиравме директорот на Просветниот инспекторат Ардиан Муслиу, кои се заклучоците од извршените надзори – кратко одговори дека инспекцијата и денеска била на терен, а извештајот ќе го презентираат утре.

Сојузот алармира дека училиштата прават бизнис од јавното образование, а во исто време, Бирото за развој на образованието од недоволно разјаснети причини не обезбедило свидетелства.

Неофицијално, како што информираа од Сојузот, средното медицинско училиште во Тетово наплаќало меѓу 150-200 денари за свидетелство, додека економското училиште во Тетово барало износ од 150 денари за издавање на свидетелството и на дипломата за крај на средното образование. Покрај нив, од Сојузот алармираа дека и скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ наплаќала по 100 денари за свидетелството, а гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп 30 денари од ученик.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста