Се проширува истрагата за Рашковски: Обвинителите влегоа на Правен факултет, одземени компјутери

Се проширува истрагата за Драги Рашковски, обвинителите влегоа на Правниот факултет, во просториите кои ги користел притворениот Даниел Станчевски, управител на „Инвока груп“ компанијата од која е купен софтверот за МВР. Преку истата фирма бил набавен и софтверот за тестирање кандидати за Академијата за судии и јавни обвинители. Како што информираат од Обвинителството на Вилма Русковска, одземени биле компјутери, кои ги користел Станчевски.

-Во досегашната истрага, не се пронајдени материјали поврзани со приемните испити на слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители. Што се однесува до Софтверот за полагање на испитот за прием на слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители, истиот не е одземен, велат од Обвинителството.​

Последниве денови на површина испливуваат и нови афери за Драги Рашковски. Објавено е дека пред да ја напушти функцијата направил договори вредни повеќе од 10 милиони евра. На неговото биро бил пронајден и софтверот за прашања за идните судии и обвинители. Како што информираат од кај Русковска, истиот не бил одземен.

Инаку, како мерка за претпазливост на Рашковски му беше определен куќен притвор, кој беше преиначен во затворски, откако обвинителите открија комуникација со четвртоосомничениот, во која екс владиниот генерален секретар му пишува:

-Слушај, изразувај се стручно, овие се глупи, ништо нема да те разберат.

Но не само скандалите со софтверските набавки , Рашковски е под лупа и на Антикорупциска за нецелосно пријавената имотна состојба. Алфа веќе објави дека неговиот џип е запишан на име на еден од владините хонорарци, а целиот свој имот го запишал на своите малолетни деца.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста