Утре ќе се знае дали уште еден Велигден ќе го дочекаме со празни цркви
Ќе ги празнуваат ли верниците Велигденските празници и годинава во полициски час? Свештениците се оптимисти дека тоа нема да се случи, но сепак, конечната одлука ќе се знае утре по состанокот со главниот кризен штаб. Ако нема целосен карантин, свештениците апелираат да нема масовни собирања по храмовите, односно верниците да ги почитуваат мерките за зашита, да запалат свеќа и да не прават гужва.
- Ги повикуваме сите верници да дојдат во храмовите и да запалат свеќа за здравје, но да не прават гужви, и секако да ги поќитуваат мерките за заштита од пандемијата. Инаку, Влегувањето на Исус Христос во Јерусалим откако го воскресна четиридневно погребениот Лазар е мигот на најмногубројното и најрадосното препознавање во Него Господ и Спасител. Исус влегува во престолнината на осле, според старозаветното пророштво. Ова е уште еден од многубројните знаци по кои би можеле да Го препознаат, но сепак овој знак не го разбраа ниту Неговите ученици, вели за Алфа Златко Малинов, свештеник во Соборниот храм.
На утрешната средба ќе се разгледа предлогот од 27 април до 15 мај, полицискиот да почнува од 21 часот. На една недела до најголемиот христијански празник, се уште е неизвесно дали и овој Велигден ќе го прославиме во црква, или сепак ќе останеме дома.
Граѓаните треба да знаат за ризиците кои ги носи групирањето во затворени простории за време на претстојните верски празници. Верниците претстојните празници велат ќе ги поминат во кругот со семејството, па ако може, ќе отидат и до црква да запалат свеќа.
- Во домашна атмофера ќе ги дочекаме велигденските празници, со оглед на целата ситуација. Фала му на Бога живееме во двор, и може да излеземе надвор. Главно дома ќе се собереме со фамилијата, ја спремаме традиционалната велигденска трпеза и тоа ќе биде и оваа година, вела дел од верниците пред камерата на Алфа.
Паралелно, како и секоја година така и оваа, граѓаните се жалат на поспакување пред велигденските празници. Јагнешкото кое е најпотребо за празниците чини 300 денари, но граѓаните стравуваат дека токму пред Велигден ќе биде уште поскапо, зашто од месната индустрија најавија и до 40% повисоки цени. Сериозен скок има кај цената на маслото која надмина 100 денари, а поскапеа и јајцата и брашното.
Инаку за претстојните празници во храмовите ќе се служат богослужби и литургии. Велигден и оваа година се спроведува во вонредна состојба.
Борис Грујоски