Се бараат оставки и одговорност за се почестото угинување на животни во скопската Зоолошка градина

Се бараат оставки и одговорност за се почестото угинување на животни во скопската Зоолошка градина

Се бараат оставки и одговорност за се почестото угинување на животните во Зоолошката градина. Каква е грижата за животните, како се хранат, дали примаат терапии, дали редовно им се прават контроли? Прашања кои се отворија по угинувањето и на третата жирафа. Што точно се случило со Флопи, треба да покаже обдукцијата. 

Обдукцијата ќе покаже од што угина и последната жирафа во скопската зоолошка градина. Според Зоо активистите животните се чуваат во многу лоши услови. Стефан Кирков за Алфа вели дека откако Данела Арсовска е на чело на Градот, заедно со поставувањето на нејзините директори, во скопската зоолошка повеќе никој не смее да дава изјави, ниту лицата за односи со јавност, ниту вработените.

  • Ова што се случува во Зоолошката градина е катастрофа. Не смее раководството да си дозволи постојано да има лоши ситуации со угинување на животни, посебно од многу редок вид. Сега тоа е капак со смрттна на жирафата, чин кој не смее да остане неказнет. Ние, како активисти, ги известивме во ЕАЗА, да се види што точно се случило, вели за Алфа Стефан Кирков, Зоо активист.

Директорот на Зоолошката градина Зоран Попов не одговара на телефонските повици, за да објасни кои се причините за угинувањето на жирафата, ама затоа на Фејсбук страната на Зоолошка беше објавено дека се испитуваат причините за смртта на жирафата, по што ќе имало известување.

  • Вработените дадоа се од себе да го спасат, но и покрај сите максимални напори, Флопи замина на небото заедно со нашиот Ристе. Ве молиме да го имате предвид тагувањето на сите вработени во овој момент, ова е голема трагедија и шок за сите нас. Законските процедури и постапки се запазени и се во тек, штом имаме официјални резултати од обдукцијата на Флопи, веднаш ќе биде известена целата јавност“, велат од ЗОО Скопје.

Последната жирафа угина вчера попладне и е второ угинување на жирафа во мандат на актуелниот директор во период од 6 месеци. Во мај годинава угина Каспер, другата жирафа.

Одговорност за случајот побараа и од Анима мунди. Велат, итно да се овозможи видео мониторинг на сите животни 24/7 и увид во видео надзорот на сите живеалишта, но и да се открие причината од што почина и младата жирафа.

  • Каде е раководството на Зоо Скопје да се произнесе или поднесе оставка? Бараме итна стручна анализа што се случува и казни за сите кои се одговорни, побараа и од Анима мунди.

Инаку за време на директорувањето на Зоран Попов, скопската зоолошка ја изгуби и кандидатурата за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Скопската Зоолошка градина сега нема ниту една жирафа. Во изминативе неколку години угинаа трите жирафи кои беа главна атракција на посетителите.

Претходно, поради храна со поминат рок, угинаа и три монголски коњи, папагали и еден куп други помали животни.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста