„Рекет“ пред самиот крај: Јанева вели не е виновна, Русковска вели екс шефицата на СЈО е срам за професијата

Катица Јанева не чувствува вина за „Рекет“, иако во разговорите објавени од „Ла Верита“ му ветуваше на Орце Камчев, осомничен во случајот „Империја“ на СЈО дека се ќе биде во ред. Второобвинетата во овој случај, изнесувајќи ја својата одбрана кажа дека Камчев на стартот воопшто и не бил таргет во „Империја“, а станал откако ги слушнала разговорите на како што ги нарече двете миленички на бизнисменот и тие го издале. Тврди ниту земала, ниту барала пари од него, а одлуката за ублажување на мерката притвор ја донел судот, таа само дала мислење.

Како и на речиси сите претходни рочишта и на ова повторно имаше вербални кошкања меѓу обвинителката Вилма Рускоска и обвинетите. Јанева во судница ја праша Рускоска дали таа ќе одговара за злоупотреба на службената положба затоа што два месеца по апсењето за „Рекет“, на Зоран Милески Кичеец, мерката притвор  му беше заменета со куќен притвор, а сега и таа мерка му е укината, иако Кичеец е осуден на казна затвор од три години.

Рускоска истакна дека има снимка на која се гледа како Јанева прима пари од Јовановски. Таа ги отфрли и обвинувањата дека предметот  се темели само на еден исказ.

-Каков срам со своето однесување ни нанесе како Обвинителство Катица Јанева и веќе може да се каже дека постои од моја страна и од страна на другите колеги антагонизам према нејзе. Поранешната колешка примила пари, 50.000 од Бојан Јовановски и тоа е апсолутно недозволиво за било кој обвинител.

Адвокатите на Катица Јанева сметаат дека таа мора да добие ослободителна пресуда, бидејќи немало никакви докази за како што велат овој монтиран кривичен процес.

-Обвинителството нема апсолутно никакви докази во врска со Катица Јанева и ние очекуваме единствено и само ослободителна пресуда, изјави Ирена Фрчкоска.

Јанева пред судот зборуваше и за односот со Боки 13. Вели со него никогаш не разговарал за предметите на СЈО, а нивното дружење почнало спонтано и како што рече, немало ништо невообичаено да се дружи со помлади, со оглед на тоа што сите во СЈО биле млади. Инаку овој случај дојде пред самиот крај, завршните зборови за „Рекет“ се закажани за 19 и 20 мај, по што следува пресуда.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста