Боки 13: Заев ме изманипулира дека странски служби ме следеле

Екс премиерот Зоран Заев го предупредил првообвинетиот во Рекет – Боки 13 дека има случај за него, ова пред судот денеска го тврдеше Бојан Јовановски. Рече дека и на тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски му се жалел дека бизнисменот Камчев го снимал.

Услов за смена на Катица Јанева од местото шефица на СЈО било ставено на маса кога се градел случајот Рекет, рече Јовановски.

Се тргуваше со овој случај, Катица Јанева беше уценета или ќе дадеш оставка или ќе се случи ова што се случува сега. На 3 април гостуваше Заев во телевизијата. По емисијата разговаравме во мојата канцеларија и Заев ми кажа дека и мене и Катица нè следеле странски служби. Ме уплаши и изманипулира дека странски обвинител имал сè за мене. Жал ми е што не се вештачи мојот мобилен да се види целата комуникација со Заев, но и со Оливер Спасовски кому му пријавив дека Орце ме снима, рече Бојан Јовановски.

За торбата Луј Витон тешка 1.5 милион евра вината ја префрли на Зоран Милески – Кичеец. Боки 13ка истакна дека тој ниту ја допрел торбата, ниту пак видел пари.

„Ќе се сложам со Орце Камчев дека од Зоран Милески-Кичевскиот немало подобар оперативец. Тоа го сфатив сега, откако се најдов во смешново обвинение. Милески имаше договорена пресуда за да се монтира измислениов случај на Вилма. Пазете, он е на слобода, со одобрување на обвинителката Русковска, нешто за кое е обвинета сега Катица Јанева. Може и Русковска еден ден ќе одговара за истото”, рече Бојан Јовановски.

Во судницата Јовановски и се поклони на обинителката  Русковска и и дофрли дека таа имала желба да го земе местото на Катица Јанева. Судењето за Рекет продолжува утре со давање исказ на екс шефицата на СЈО. Доказната постапка за Рекет заврши.

Мери Ѓорѓиевска

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста