Петков: Со посетата на 18 јануари покажуваме дека добрососедството е фундаментален принцип на нашите односи со Скопје

Бугарскиот премиер Кирил Петков на 18 јануари доаѓа во посета на Македонија. Повтори дека коалицијата на власт кај источниот сосед го нема променето ставот кон македонскиот преговарачки процес и е зачуван токму онака како што било изгласано во бугарскиот парламент. Петков исто така повтори и дека  владата во Софија ги надградува преговорите со пет посебни дополнителни комисии за надградба на односите меѓу двете земји.

„Колеги сакам да ве уверам,  на вашето прашање конкретно, во нашата коалиција имаме апсолутно јасен заеднички став, договорен пред очите на целиот бугарски народ. Имаме целосна координација во Советот на министри на темата и тоа што одиме на разговори на 18 јануари покажува дека добрососедството е основен принцип во нашите односи со Република Македонија“, изјави Петков во Народното собрание.

Петков ќе биде пречекан од идниот македонски премиер Димитар Ковачевски кој се очекува да во следните денови да ги одбере соработниците во владата.   За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, новиот мандатар нема легитимитет да преговара за македонскиот идентитет, а уште помалку Бучковски да дава ветувања и да ја гази преговарачката позиција која со години е градена.

-Очекувам не само од Петков туку и од сите оние кои го фасилитираат процесот да го слушнат гласот на народот и на најголемата политичка партија, која има што да каже по ова прашање. Очекувам да се слушне гласот на македонскиот народ, на најголемата политичка партија во Македонија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, која има најголема пратеничка група во Собранието, од определени гимнастики познати на јавноста е за жал во опозиција, а со најголем број градоначалници и советници, политичка партија која го депласираше СДСМ на последните локалните избори, а како што стојат мерењата на јавното мислење ќе го депласира и на наредните парламентарни избори, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи, дека очекува решение коешто нема да одлучува за идентитетот на македонскиот народ.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста