Омикронот се шири, рестриктивни мерки се уште нема

Над 7500 граѓани се заразиле со Ковид-19 во новата година во Македонија. Новата мутација на вирусот веќе е доминантна меѓу новите регистрирани случаи или  речиси 60 отсто од испитаните позитивни примероци се „Омикрон“.Новиот сој предизвикува полесна клиничка слика од претходните мутации и заразените немаат потреба од хоспитализација, но од Светската здравствена организација предупредуваат дека не треба да го карактеризираме како „благ вирус“. На истото предупредуваат и лекарите со оглед на високите бројки со новодијагностицирани кои ги објавуваат македонските здравствени власти. Според епидемилогот Бабачиќ, поголем број на инфекции може да доведе до голем број на хоспитализции кои ќе го оптеретат здравствениот систем а ризикот кај граѓаните кои не се вакцинирале останува висок.

Омикрон варијантата станува доминантна во Македонија, врз основа на прелиминарни лабораториски извештаи. Треба многу сериозно да се земе бидејќи со себе носи голем ризик за инфекција, поради поголема заразност и способност да го избегне постоечкиот имун одговор.

Некорисен е наративот дека ова е полесна форма на КОВИД-19 и дека треба да ѝ се препуштиме. Уште не знаеме со сигурност колку помал е ризикот од хоспитализација со омикрон споредбено со делта, но знаеме сигурно дека омикрон може да доведе и до хоспитализација и смрт – пишува епидемиологот.

Во вторникот во Македонија беа регистрирани 1.197 новозаболени, во средата 1.375, четвртокот рекордни од почетокот на епидемијата 1.725 новозаболени. Ниту вчера не беше подобра ситуацијата кога беа забележани 1171 позитивни на Sars Cov-2.  Во моментов активни се над 9000 случаи, а околу 5200 се во главниот град кој продолжува да биде главното жариште на вирусот во Македонија. Од почетокот на пандемијата 8012 луѓе ја загубиле битката со опасниот вирус.Иако во последните денови, почна да се намалува бројот на починати, но сепак нашата држава е на врвот во Европските статистики по бројот на починати, а пред нас Црна Гора, Унгарија, Босна и Херцеговина и Бугарија како земја со најголема смртност од Ковид-19.

Од земјите во соседството, во Грција е доминантен новиот сој односно 9 од 10 заразени се позитивни на Омикрон, или 82 проценти од инфицираните од крајот на декември. Србија секојдневно бележи над 7 илјади новодијагностицирани со вирусот. Хрватска денеска регистрираше дури 8817 нови случаи и сега има активни се 42.242, а здравствени власти ги заострија мерките. И  Словенија од понеделник  за влез во земјата задолжително ќе бара негативен ПСР тест оти денеска бележи скоро 4500 заразени.

Инаку вкупниот број на регистрирани случаи на Ковид-19 ширум светот надмина 300 милиони. Минатата недела во светот се регистрирани рекордни 9,5 милиони случаи на ковид-19, од кои  71 отсто се инфекцирани со Омикрон сојот.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста