Петков бара бугарите да влезат во Уставот па да падне ветото, Ковачевски не открива за што се преговара

Прво бугарите да добијат гаранции во македонскиот Устав, потоа поддршка за европската перспектива на Македонија. Бугарскиот премиер Кирил Петков ја постави позицијата на Софија кон Скопје, вели ја поддржува евроинтеграцијата и на Македонија и на Албанија, но прво има други проблеми за решавање.

Постојат одредени работи што треба прво да се решат, како што е почитувањето на правата на Бугарите во Македонија, со гаранции во рамките на Уставот. Имаме план и многу добра комуникација со македонската Влада  и се надеваме дека брзо ќе одиме напред – рече бугарскиот премиер Кирил Петков во интервјуто во грчкиот весник „Катимерини“.

Македонскиот премиер не открива детали од преговорите. Разговорите се воделе на ниво на двете МНР, а јавноста ќе го дознае исходот кога ќе биде ставен на официјален документ прифатлив за двете страни. За Ковачевски, соработката со Бугарија е унапредена, а лошите односи биле резултат на поединци .

Односите се унапредени, официјалното ниво на комуникација е унапредено и е на ниво на европските вредности. Секогаш постојат поединци кои сакаат тие односи да ги направат полоши, но ние и бугарската влада сме против тоа.  Во однос на разговорите, тие се водат на ниво на Министерства за надворешни работи и кога ќе има одредени резултати односно документи прифатлив за двете страни, ќе биде споделен и со институциите и со јавноста, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Минатата недела од Европа ни стигна добра волја, а за  датум за преговори ќе се разговара откако ќе се решат билатералните прашања со Бугарија, порача потпретседателот на ЕК Жозеп Борел.

Со надеж дека ќе добиеме датум,  досега го сменавме името во рамки на Преспанскиот договор, беше потпишан договорот за добрососедство со Бугарија, а новата порака од Софија сега ја отвора дилемата дали ќе се отвори македонскиот Устав.  

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста