Мицкоски: Политиките на СДСМ се катастрофални, ако не се краде ќе има пари и за повисоки плати и пензии

Економските политики на СДСМ и ДУИ, ја заковаа Македонија на дното во регионот, според растот на БДП за 2021. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја оценува фалбата на власта на економскиот раст на Македонија. Според Мицкоски, Македонија е рекордер по буџетскиот дефицит, а владините мерки даваат резултат само во негативна насока.

„Според дефицитот во буџетот ние сме рекордери каде имаме најголем дефицит во регионот, така што ако ова е успех тогаш јас не би се сложил со изјавите на Дарко Каевски дека економските политики даваат резултат бидејќи тие даваат резултат но во негативна насока. Ние имаме стагфлација бидејќи имаме висока инфлација којашто веќе е двоцифрена, а при тоа имаме стагнирање на економијата. За жал тоа влијае директно врз стандардот на граѓаните и на нивната куповна моќ“, рече Мискоски.

ВМРО-ДПМНЕ бара поопфатни антикризни мерки, 50 проценти намалени акцизи за горивата, покачување на примањата на пензионерите, а тоа ќе биде возможно само доколку власта не краде вели Мицкоски.

„ Има пари ако не се краде, а бидејќи се пљачкаат граѓаните, се пљачка буџетот, пари нема, нормално. Доколку не се пљачка, доколку не се краде, пари ќе има. Еве и ова ново задолжување што го најавуваат од 600 милиони евра, тоа ќе бидат повторно покривање на непродуктивните трошоци.  Ќе има и за повисоки пензии, тоа што го предлагаме 20 % повисоки пензии, бидејќи таква е нашата пресметка од моментот кога се смени законското решение за покачување два пати годишно на пензиите според растот на трошоците на живот и растот на просечната плата, до сега воведување повторно на оној стар концепт кој што го нарекоа некој швајцарски концепт, не знам кој ги насамарил така прописно. Но, суштината е дека изминативе три и пол години, власта на пензионерите им одзема 20-тина проценти од нивните пензии, затоа ни побаравме да имаме зголемување на пензиите од дваесетина проценти. Практично на луѓето да им го вратат тоа што им го потрошија“, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од предвремени парламентарни избори, тврди Мицкоски, но партијата, поради случувањата во Европа и инвазијата на Украина, ја прилагодува стратегијата.. Секако дека избори ќе има бидејќи сите граѓани во Македонија го бараат тоа вели првиот човек на најголемата опозицска партија и повика сите да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ за Македонија повторно да излезе на вистинскиот пат.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста