Пазарите полни – граѓаните ги прават последните набавки пред Божиќ

Јаболка, мандарини, тиква, бадникови гранчиња – полни кеси и последни подготовки пред големиот христијански празник Божиќ. Зелените пазари и денеска беа преполни со потрошувачи кои брзаа да купат се што им е потребно за утрешниот празник. Велат бадниковата трпеза мора да биде посна, а на неа традиционално се послужува посна сарма, гравче и риба.

Пазарџиите тријат раце – велат вчера и денеска имале полни раце работа. Потрошувачите задоволни, цените пред празникот велат не се разликувале од ланските.

Спремни се и пакетчињата за малите коледарчиња. Тие уште рано наутро преку песна ќе го најават раѓањето Христово. Домаќините, пак како што наложува адетот ќе треба да им дадат подароци за радосната вест.

Бадник се прославува ден пред Божиќ и претставува последен и најстрог ден на божикните пости. За верниците ова е ден на голема среќа оти му претходи на денот на Исусовото раѓање.

Традиционално, во Македонија семејството се собира на вечера за Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Во некои семејства се крши и лепче со паричка, а се верува дека оној кај кој ќе се падне паричката ќе го прати среќа во текот на целата година.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста